АктуелноИнтернационално

(Видео) Повторно оштетен мостот на Крим, има загинати, сообраќајот е во прекин

Засега нема официјални информации што ја предизвикало несреќата на мостот во која загинаа две лица.

Во текот на ноќта на мостот на Крим се случи несреќа во која загинаа две лица, а едно е тешко повредено. Засега нема официјални информации што ја предизвикало несреќата. Сообраќајот по мостот е во прекин.

Повредената девојка е префрлена во најблиската здравствена установа, јавуваат руските медиуми. Гувернерот на Белгородската област во Русија објави дека загинатите лица се всушност родители на девојчето. Семејството е од споменатиот Белгородски регион. 

Претседателот на Собранието на Крим, Владимир Константинов, изјави дека ова не е случајна несреќа, туку дека се работи за уште еден терористички напад на Киев.

Дека за нападот е виновна Украина, која како резултат на неуспешната офанзива, сега напаѓа цивилни објекти, а не се двоуми да употреби касетни бомби, најави и членот на Советот на Федерацијата на Русија, Александар Башкин, пренесува „РИА Новости“.

Сообраќајот по мостот е привремено запрен, а група истражители и итните служби се на терен. 

Бидејќи немало оштетувања на железничката пруга, железничкиот сообраќај е обновен околу 7:45 часот по средноевропско време. 

Надлежните апелираат граѓаните да се воздржат од преминување преку мостот, а туристите да останат во хотелите. Официјални лица на полуостровот додаваат дека Крим ги има потребните залихи на прехранбени производи, индустриски стоки и гориво и дека нема потреба од паника.

Да потсетиме, Кримскиот мост беше мета на Украинците во октомври минатата година, кога експлодираше камион полн со експлозивни направи. Тогаш животот го загубија четири лица, а две коловозни ленти од мостот се урнаа. Поправката на мостот траеше неколку месеци.