Изложба на стари фотографии „Охрид 1940 – 45″ од фотографот Јонче Поп Стефанија во Охрид

Вечерва 11 јули со почеток од 20 часот во НУЦ “Куќа на Уранија” – МАНУ во Охрид ќе биде отворена изложбата на стари фотографии „Охрид 1940 – 45“.

Изложбата претставува ретка можност да се видат фотографии од Охрид снимени во период од 1940 до 1945 година од фотографот Јонче Поп Стефанија (1915, Охрид – 1983, Охрид). Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. Автор на изложбата е Роберт Јанкулоски, универзитетски професор и директор на Македонски центар за фотографија.

Изложбата го опфаќа периодот на Втората светска војна како  и времето пред започнувањето на војната, а дел од фотографиите се снимени веднаш по ослободувањето на Охрид. На фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на Охриѓани.

Инаку, Јонче Поп Стефанија потекнува од фотографско семејство. Неговиот вујко Ставре Попоски е еден од првите фотографи во Македонија кој се стекнал со право за професионално бавење со фотографија. Исто така и постариот брат на Јонче, Благоја Поп Стефанија бил познат фотограф во Охрид пред Втората светска војна. Иако фотографијата му била основна егзистенција, меѓу многубројните сочувани негативи, исполнети со безизразни ликови снимени за лични документи, среќаваме фотографии на луѓе преку кои може да го реконструираме животот во Охрид во тој период, како и фотографии со мотиви од Охридското Езеро, градот или пејзажи од околината. За неговото размислување и креативниот однос кон фотографијата зборува и фактот што во 1942 година, заедно со Ристо Паунчеки, организираат изложба на фотографии што била поставена во просториите на хотелот Белви во Охрид, а истата поставка била презентирана и пред публиката во Пловдив (Бугарија).

Изложбата ќе биде отворена до 19 јули 2023 година.