Странската помош за пристап во ЕУ – реформска фатаморгана
- анонимен автор
Последната медиумска ‘журка’ околу изјавата на холандскиот амбасадор Коп во врска со помошта што ќе ја замрзнат за Судскиот совет и немањето резултати од децениските реформи на нашите институции, се наметнува прашањето – дали странските донатори конечно се освестија каде одат парите на нивните даночни обврзници, или е ова само благо тепање по раче на патот на долготрајното реформско замајување и тргање глава на страна? Ова последново добро го испраксираа во изминативе 30 години.
Имено, со свежите долари со кои дојда и со нивниот сладок говор и уште послатка тишина кон коруптивниот монструм во облик на централна и локална власт, странските донатори во вид на амбасади, фондови и фондации, центри – си купија и сеуште купуваат репутација, влијание и пропоганда, но и широка мрежа соработници, односно климачи со глава.
Секој нов странски амбасадор, секој нов шеф на странска донаторска организација, има привилегиран пристап до централна и локална власт, и е третиран како Господ, во селото без кучиња наречено Северна Македонија, кое е составено од државна и јавна администрација преполна со партиски некадарници, медиокритети и аналфабети кои имаат високо развиени чувства за полтронизам, комформизам и преживување во мочуриштето со климање глава и правење партиски пресметки – а мала професионалност, стручност и знаење што доликува на функцијата што ја имаат. Тоа е средината во која се носат одлуки за тоа што ќе се реформира, како и што ќе биде ефектот од тие реформи и за кого се насочени.
Затоа наместо долгорочен, усогласен реформски процес што дава растечки перформанс на нашите државни и локални сектори и нивно приближување кон оние на ЕУ – имаме пропаднати тендери и огромни пенали за државата, проектни резултати на хартија, проекти и програмски интервенции кои се вртат во круг или се дуплираат и рециклираат со секој нов донатор – односно имаме од во место.
Цифрата на странската помош за Македонија, се мери со милијарди долари во последните 2 и пол децении, и ние сеуште немаме сеопфатна анализа во секој сектор за ефектите од оваа странска помош. Кај нас не постои задолжителна издржана евалвација – ниту пред ниту по спроведување на програмските линии со што би се утврдиле не само потребата, туку и резултатите од помошта и насоките што треба да следат од научените лексии. Секое Министерство, или локална власт, практикува замајување, површни истражувања што ќе останат на хартија, и се прават само за да се задоволи странскиот донатор и порграмскиот инструмент. Исто како што проектните резултати се врвни примери на мртво слово на хартија.
Милионски суми се програмираат и трошат за интервенции што се козметика и површна санација, на општество во канцерогена состојба во секој сектор.
Зарем странските донатори и нивните меѓународни експерти кои се светлосни години над стручноста на нивните домаќини во лицето на нашата јавна администрација – не гледаат и не знаат што спроведуваат? Еве на пример, Британската амбасада има децениска интервенција со милионски суми британски фунти потрошени за реформа во јавната администрација, со која се гордеат. Па, ако оваа инвестиција вроди со плод во лицето на сегашниот административно- коруптивен монструм кој штанца непродуктивни работни места по видување и потреба на секој партиски ешалон, со што се демотивира професионалниот кадар од работа во државен сектор, се кршат правата на обичниот граѓанин на секој чекор – каде навистина одат парите на британските даночни обврзници? Зарем британската амбасада нема строги критериуми за доделување на програмските интервенции, што прецизно ќе ги мерат ефектите од нивната помош?
Или да ја земеме Светската банка, со нејзината канцеларија во Скопје и милионските кредити евра одобрени на истата оваа некадарна децениска државна администрација, за реформи на реформи на реформи во секторите како образование, каде се доделија милионски суми за реформа на секторот стручно образование врз база на насоки и потреби смислени од истите некадарни јавни тела преполни со медиокритети чиј стручен дострел е само во рамките на државата, и кои штанцаат прирачници ,стратегии , методологии платени со хонорари од донаторите – иако е тоа строго забрането. Сите овие проектни резултати остануваа без соодветна примена, затоа што проектните резултати се заглавени во нефункционалното канцерогено општество и неговото законодавство кое треба да се реформира од корен, не од лист.
И кои се ефектите од странската помош?
Имаме државна и јавна администрација што е нон-стоп на службени патувања, обуки, конференции и работилници овозможени од странските проекти, со пасош полни со дестинации како Вашингтон, Лондон, Рим, Брисел или Даблин, со дипломици и сертификати за тие патувања, и работни биографии полни со стручни обуки.
Имаме и плејада невладини организации и домашни консултанти што се остручија, наместо државниот апарат – за апсорпција на оваа огромна странска помош, за штанцање на ваквите површни проекти за потребите на јавната и државната администрација, а кои станаа држава во држава па тие наместо владините тела, водат политика и смерници за странската помош и добиваат редовно тендери од странските донатори зашто се нивни миленичиња што им овозможуваат на странските донатори сигурна егзекуција на козметичките проекти и програми со кои се фалат дома и во странство.
Ова е можно и затоа што кај нас нема систем за задолжителна и бескомпромисна контрола врз програмирањето и синхронизација на ефектите од финансиските инструменти, немање темелен и непартиски систем за евалуација на странската помош, и секако немање професионален и стручен административен апарат кој ќе ја апсорбира оваа странска помош на продуктивен начин.
Па така, иако изјавата на холандскиот амбасадор ја дочекавме со надеж дека конечно странските донатори ќе свртат нов лист и ќе бараат многу поголем отчет од државата за нивната инвестиција – сепак останува горкото прашање: Фатаморгана ли е или вистина нема прогрес?