АктуелноЛокално

Како со фирми во загуба внукот на Ахмети ја купи Соравија?

Внукот на Али Ахмети успеал да стане партнер со албанската „Певлаку“ и да ја купи Соравија со својата фирма која должи по банки и две години била во загуби.

Бројките за „Тхор индустри“ покажуваат дека во годината кога била основана имала загуба од 300 евра, за веќе следната, 2021 година да има загуби од скоро 70 илјади евра. Истата година земал кредит од банка тежок 150 илјади евра, а за возврат заложил имот од неговата втора фирма „Еверест ЏД“. Среќата му се насмеала, и лани ја остварил првата добивка од скоро 60 илјади евра.

За разлика од „Тхор“, „Еверст ЏД“ остварува профит години наназад. Својата концесија за варовник ја зема во 2006-та. Најмногу тендери има земено преку државната ЕСМ. Последниот е од мај годинава.

Пред 4 години, пак, Владата и дала уште една концесија, овојпат за хидроцентрала во Кичевско. На седницата кога било дадено одобрението, биле присутни сите министри од ДУИ. Меѓу нив и Османи кој минатата недела на прес конфереција потврди дека се познаваат со Дрин.

За оваа фирма, опозицијата тврди дека има само 1 вработен. Дрин негираше и рече дека педесетина. Ако ова тврдење е точно, тогаш оваа компанија му е најголема, оти останатите 3, „Потам плант“, „Хелиос плант“ и „Тхор индустри“ според централен регистар, имаат вкупно 11 вработени.

Сител испрати неколку прашања до „Тхор“, но наместо одговор, добивме најава дека ќе ни одговорат до петок. Не можеле да стигнат оти имале многу прашања од новинарите.

Голем е интересот и на јавноста, особено откако дозна дека има само 24 години. За себе вели дека успеал сам, без помош од чичко му, Али Ахмети, кој вчера го благослови пред сите. Не крие дека му се воодушевува, па дури има и профилна фотографија на ФБ од лидерот на ДУИ во воена униформа со амблемот на УЧК. 

На социјалните мрежи има повеќе фотографии од САД, а често споделува објави од високи функционери од ДУИ, како Османи и Груби.

Има објавено дека паралелно студирал и во Македонија и во Италија. И на двата факултета иста струка – бизнис менаџмент. Откако завршил, повторно истовремено запишал финансии и банкарство во Македонија, но и постдипломски во Америка.

Вицепремиерот Груби кој гостуваше во тема на денот рече дека Дрин е паметен и амбициозен, а доколку има сомнежи за криминал, инситутициите да постапуваат.

Внукот на Али Ахмети стана познат откако заедно со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај решија да ја купат Соравија со долг од 20 милиони евра. Колку чини објектот во строгиот центар на Скопје – засега е деловна тајна.

Преземено од: Сител.мк