Кирјакос Мицотакис со нов четиригодишен мандат како премиер

Нова демократија е победник на парламентарни избори во Грција, покажаа првите официјални резултати. Гласачите му дадоа на лидерот на партијата, Кирјакос Мицотакис нов четиригодишен мандат како премиер.

Нова демократија освои 158 пратенички места што обезбедуваат парламентарно мнозинство за формирање Влада, лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис денеска ќе положи свечена заклетва и повторно ќе ја преземе премиерската функција.

Во проценти, Нова демократија доби 40,56 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,83 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,86 отсто, Комунистичка партија доби 7,67 отсто, потоа следат радикалните десничарски партии: Спартанци  со 4,67 отсто, Грчко решение 4,45 проценти и Победа со 3,69 отсто.

Победата на конзервативците на изборите одржани во мај имаше позитивно ехо кај инвеститорите, кои очекуваат продолжување на досегашната буџетска дисциплина, па грчката берза регистрираше нагорен тренд.