АктуелноИнтернационално

Каде што е Жуков, таму е и победата!

На денешен ден, 18 јуни 1974 година, почина Георги Жуков, советски војсководец, маршал на Советскиот Сојуз и министер за одбрана на Советскиот Сојуз од 1955 до 1957 година.

Маршалот Георги Жуков припаѓа на рангот на најголемите руски војсководци, како генералите Суворов и Кутузов.

Жуков ја заслужува најголемата заслуга за советската победа над нацистичка Германија. Битката за Москва, одбраната и пробивањето на нацистичката блокада на Ленинград, големата битка на Сталинград и заземањето на Берлин, се само дел од грандиозните победи на советските војници во Втората светска војна под команда на маршалот Жуков.

Источниот фронт беше најголемото и најкрвавото бојно поле во Втората светска војна, кое вклучуваше повеќе копнени битки од сите други фронтови од Втората светска војна заедно. Црвената армија нанела околу 75 отсто од вкупните загуби на германските вооружени сили: тројца од четворица германски војници ги загубиле животите борејќи се против Црвената армија.

Врвот на животниот пат на Жуков беше тоа што, на 8 мај 1945 година во 22:43 часот (9 мај во 00:43 часот по московско време), во Карлшорст (Берлин), германскиот фелдмаршал Вилхелм Кајтел ја потпиша безусловната капитулација на трупите на нацистичка Германија , со што заврши Втората светска војна.

Жуков во Берлин во 1945

На 24 јуни 1945 година, на Црвениот плоштад во Москва, маршалот Жуков ја командуваше првата Парада на победата по поразот на нацистичка Германија.

Жуков четири пати бил прогласуван за херој на Советскиот Сојуз, а поради неговиот придонес во победата во Големата патриотска војна народот го нарекувал „Маршал на победата“.

Маршал Жуков ја командува првата Парада на победата во 1945 година.

Подемот на Жуков почна од битката кај Халкин Гол.

Почетоците на Жуков биле скромни. Тој бил син на сиромашен селанец од Калушка област, во централна Русија, кој студирал да стане крзнар.

Жуков бил мобилизиран на 7 август 1915 година во војската на царска Русија. За време на Првата светска војна двапати бил одликуван со крстот „Свети Ѓорѓи“ и унапреден во чин подофицер „за храброст во битката“. По Октомвриската револуција, доброволно се приклучил на Црвената армија.

Во 1930-тите, тој се залагаше за брза модернизација на Црвената армија и масовна употреба на оклопни единици. Жуков предвиде дека тенковите ќе играат одлучувачка улога во идните војни.

Наскоро добил шанса да ги тестира своите теории во пракса. На покана на Сталин, во 1938 година, тој ја презеде командата на Првата советско-монголска армиска група.

Оваа малку позната советско-монголска војна со Јапонците, која траеше од 1938 до 1939 година, започна како предигра, за набрзо да ескалира кога Јапонците го започнаа своето напредување низ Монголија со тогашна импозантна сила од 80.000 војници, 180 тенкови и 450 борбени авиони.

Следеше решавачката битка кај Халкин Гол, за која Жуков се подготвуваше долго и внимателно, откако претходно акумулираше големи оклопни сили. За Советскиот Сојуз, Халкин Гол го означи вистинскиот почеток на Втората светска војна.

Во оваа битка, исто така, се покажа дека ерата на коњаницата поминала засекогаш и дека Жуков бил во право.

Оваа победа над Јапонците му ја донесе на Жуков титулата Херој на Советскиот Сојуз.

Во 1941 година, Жуков командуваше со Западниот фронт. Истата година, во 1941 година, тој мораше лично да собира војници со автомобил за да ја организира одбраната на Москва.

Под негова команда, советските трупи им го нанесоа првиот голем и жесток пораз на нацистите, потиснувајќи ги на 200 километри од Москва.

Историчарот Олег Јежов наведува дека во тие денови Сталин му го поставил на Жуков прашањето: „Кажи ми, искрено, можеме ли да ја задржиме Москва?“. Жуков подоцна истакнал дека не можел да знае со сигурност, но дека не можел да одговори поинаку освен: „Ќе се одржиме, другар Сталин“.

Историчарот Анатолиј Коломицев забележува дека Жуков постојано одел во критичните сектори и во првите редови на фронтот, каде што било најтешко. „Војниците велеа: Каде е Жуков, таму е и победата“, напиша Коломијцев.

Западните историчари честопати злонамерно, со потценување гледале на Жуков, обвинувајќи го, меѓу другото, дека е „груб“, „немилосрден“ и дека не ги штедел своите војници.

На обвинувањата за „прекумерна суровост на Жуков“, руските историчари одговорија со факти: дека загубите, каде што тој ја презеде командата, биле преполовени.

Маршал Жуков добил вкупно 67 ордени и медали, почнувајќи од Првата светска војна, во Царската армија.

Титулата Херој на Советскиот Сојуз ја добива по четврти пат по војната, како министер за одбрана.

Во октомври 1957 година, на почетокот на „ерата на десталинизација“, Хрушчов го разрешува од функцијата министер за одбрана и го исфрли од Централниот комитет, под обвинение дека подготвува воен удар против него.

По оставката на Хрушчов во 1964 година, на 8 мај 1965 година, Жуков повторно беше поканет во Конгресната палата во Кремљ, на свечена средба посветена на 20-годишнината од Победата, која ја одбележа неговата политичка рехабилитација. Појавата на Жуков од присутните беше пречекана со овации и овации.

Почина на 18 јуни 1974 година во Москва, каде што бил погребан со целосни воени почести.