Русјаков: За укинувањето на Македонија и Македонците има конкретни виновници

Во својата колумна во „Нова Македонија“ насловена „Русјаков ја продаде пустината“ – Александар Русјаков нагласува дека по потпишувањето на т.н. Преспански договор Македонија практично и не постои, и смета дека уставните промени се само последица на претходните штетни договори.

Ај, да ги отвориме картите. Уставните промени ќе значат крај за Македонија. Лага! Не може да има крај за нешто што веќе завршило. Македонија, сега засега е завршена приказна. Укината е во Преспа. Постои само во нашите глави… или срца… во стварноста има Нордистан, нацизомби родено во Нивици, создавано од разни домашни и странски „нимици“, поддржано со нивни дејствија и наше гласно премолчување. А-ха, за нецивилизацискиот нацистички договор со кој се укинуваат Македонија и Македонците има конкретни виновници, ама никој од нас не е невин. Да не мислите дека со тоа што сме ги искршиле тастатурите „врескајќи“ на Фејсбук или низ колумни, нешто конкретно сме презеле?

Колумнистот оценува дека политичките процеси кои денес се случуваат не се поврзани со Македонија и истите како што тој вели, служат за надградба на Нордистан.

Ова што сега се случува или наскоро ќе се случи, не значи крај за Македонија, туку надградба на Нордистан. Доколку не се случи, како што најверојатно и нема да се случи, не значи дека Македонија се спасила или победила, туку дека Нордистан заглавил во ќор-сокак што секако не е лошо и нормално, му го посакувам.

На крајот од својата колумна Русјаков изрази надеж дека со Македонија не е завршено, како што не беше завршено претходно многупати во историјата и нагласи дека ќе дојдат идните генерации кои ќе го чујат „гласот што вика во пустината“