АктуелноЕУИнтернационално

Европската Унија ќе поддржи мултиполарeн глобален валутен режим

  • Комесарката за финансиски услуги на ЕУ, Мериад Мекгинис, од името на Европската комисија, со афирмативна изјава за глобалнотооддалечување од американска валута. Европската комисија (ЕК), според писмената изјава на комесарката за финансиски услуги на ЕУ, Мериад Мекгинис, некако се чини како да не е вознемирена премногу поради најавите од повеќе страни на светот за „крај на американскиот петродолар“, велејќи дека поддржува „мултиполарен глобален валутен режим“…

На прашањето на член на Европскиот парламент да коментира за фактот дека францускиот енергетски гигант „Тотал енерџис“ го склучил првиот договор за купување ЛНГ од Кина во јуани, дека Кина и Бразил склучиле договор за решавање на меѓусебната трговија со свои валути наместо со долари, како и дека земјите како Индија и Обединетите Арапски Емирати размислуваат да го напуштат доларот во меѓународните трансакции, комесарката за финансиски услуги на ЕУ, Мериад Мекгинис, во писмен одговор рече дека таа и нејзините колеги го поздравуваат глобалното оддалечување од американска валута за поконкурентна средина.


Комисијата ќе продолжи да ја промовира меѓународната улога на еврото и, воопшто, да поддржува мултиполарен глобален валутен режим, кој може да биде корисен за подобрување на стабилноста на меѓународниот финансиски систем преку ограничување на влијанието на надворешните и идиосинкратски монетарни шокови врз економијата – напиша таа.

ЕУ ќе размисли за зголемување на улогата на еврото во трговијата со енергија и стоки

Мекгинис исто така истакна дека ЕУ ќе размисли за зголемување на улогата на еврото во трговијата со енергија и стоки.
– Со цел да се зајакне меѓународната улога на еврото, комисијата продолжува да спроведува насочени акции. Што се однесува до употребата на еврото во енергетскиот и стоковниот сектор, ЕУ ќе продолжи да разговара со клучните актери за натамошно зголемување на уделот на еврото – додаде еврокомесарката.

Покрај настаните што ги спомна европратеникот Еуген Томак во своето прашање, на фактот дека петродоларот, до неодамна основата на меѓународната трговија и еден од механизмите преку кои САД ја воспоставија својата хегемонистичка позиција, ја загуби својата привлечност, укажува и фактот дека францускиот претседател Емануел Макрон во април навести дека ЕУ треба да ја намали зависноста од доларот.

БРИКС, исто така, може да претставува закана за петродоларот, бидејќи некои лидери на економската заедница на Бразил, Русија, Кина и Јужна Африка, кои според ММФ сега имаат повисок БДП според куповната моќ од Г7, силно се залагаат за воспоставување заедничка валута. Зголемените каматни стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки поврзани со доларот на штета на повеќето пазари во развој. Тоа поттикна повици за алтернатива на употребата на доларот како глобална трговска валута, при што една опција е блокот БРИКС – составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – да воведе своја единица. Како што најавува „Блумберг“, за ова прашање ќе се разговара на самитот на БРИКС од 22 август во Јоханесбург.

– Сонувам дека имаме заедничка валута што нашите земји би ја користеле во трансакциите, за да бидеме независни од (американскиот) долар. Невозможно е да не можеме да имаме поголема слобода да работиме. Сонувам дека БРИКС има своја валута, како еврото на Европската Унија – рече бразилскиот претседател Луис Игнацио Лула да Силва на заедничката конференција со венецуелскиот претседател Николас Мадуро оваа недела.
– Не сакам да прејудицирам за дискусиите на лидерите на БРИКС. Но ова е нешто за што мора да разговараме, и тоа на вистински начин – изјави јужноафриканската министерка за меѓународни односи и соработка Наледи Пандор.

Пристигна моментот на дедоларизација?

БРИКС претставува повеќе од 40 отсто од светското население и речиси една третина од глобалното економско производство, што го прави еден од најважните светски економски блокови. Неколку други земји, вклучувајќи ги и Саудиска Арабија и Иран, изразија интерес да ѝ се приклучат на групата.

Земјите од БРИКС и другите земји „прашуваат зошто не можеме да тргуваме во нашите сопствени валути? Зошто сме посветени на тргување преку доларот?“, се прашува јужноафриканската министерка за меѓународни односи и соработка Наледи Пандор.
Јужна Африка има валута со која се води меѓународна трговија. Сепак, имаме многу долгови во долари, затоа мораме одговорно да пристапиме кон оваа дискусија.

Поранешниот специјален советник во Советот на економски советници на Белата куќа за време на администрацијата на Доналд Трамп, Џозеф Саливан, смета дека воведувањето алтернатива на доларот е изводливо и можно.

Во напис за „Форин полиси“, Саливан наведува дека „можеби конечно пристигна моментот на дедоларизација“ и ги објаснува причините зошто.

Овој висок советник на „Линдзи груп“, економско-советодавна фирма со седиште во Вашингтон, која ги следи макроекономските движења, вели дека најавите од БРИКС дека размислуваат за нова валута што ќе го замени доларот во трговијата, го комплицираат наративот дека владеењето на доларот е стабилно. 

Преземено од: Нова МакедонијаР.Н.М.