Апасиев: Една изборна единица нема да има сè додека моќта на уценување не премине од ДУИ во Левица

  • Говорот на Димитар Апасиев, пратеник од Левица, за Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

„Левица има најголем легитимитет да зборува за овој предлог-закон, затоа што во историјата на независна Македонија, сме најоштетени политичари од овој изборен модел, со украдени четири мандати.

Според анкета доставена од Парламентарниот институт, дури 2/3 од испитаниците бараат да се воведе една изборна единица (ИЕ). Тоа значи дека волјата на народот не е претставена во овој парламент. Номинално, и СДС се за една ИЕ, и ДПМНЕ се за една ИЕ.

Иако според ова, сите се ЗА една ИЕ, за да се знае кој е газда, ‘премиерот’ Артан Груби вели дека Владата на Р. Македонија, не дава позитивно мислење за предложениот текст на предлог-законот. ДУИ не дава ова да помине!

Вината ја наоѓам и во овие шест пратеници од коалицијата во власта – како што ДУИ уценува, така можете и вие. Ваша моќ на уценување самите си ја потценувате. Или ви е дадена ‘честа под кирија’.

Од Левица имате украдено четири мандати. Левица има два мандати, а со една ИЕ ќе имала пет – тоа се УКРАДЕНИТЕ мандати. Вие не губите, господа од власта – вие КРАДЕТЕ!

Нас во 1-ва ИЕ ни требаат 10 илјади гласови за пратеник, а на оној од 6-та ИЕ, од Тетово и Гостивар, Полог, му требаат 6 и пол илјади гласови. Ние влегуваме двајца, кои вкупно имаме 40 илјади гласови, а вие со само 12 илјади гласови. Алијанса влегува со шест пати повеќе мандати од нас, иако има само два пати повеќе гласови.

Ова е уште еден случај на ‘Тиранска платформа’ и на рамковна тиранија на малцинството, ако се изразиме со политички некоректни термини. Една ИЕ нема да има сѐ додека моќта на уценување не премине од ДИУ во Левица.“