(Видео) Мециновиќ: Со влезот на ДПМНЕ во Владата – Левица е единствената опозиција во Македонија
- Прес-конференција на Портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, по повод исходот од денешната лидерска средба:
„Несомнено е дека ги имаме најтемните дни за македонската демократија. Во караванот на бездната во која нѐ води антиевропската и антидемократската СДСМ, очигледно е дека одлучи да им се придружи и ВМРО-ДПМНЕ.
На сите ни е јасно дека за оваа Влада постои само легалистичка рамка. Таа нема легитимитет, одамна и повеќекратно е делегитиминирана. Првпат го загуби во 2021 година на локалните избори, а опозицискиот бран, ВМРО-ДПМНЕ, одлучи да го преточи во кохабитација со СДСМ која трае година дена и денес доживува кулминација. Потоа добивме неизбран премиер кој со својата нелегитимна Влада беше целосно нетранспарентен во изготвување на францускиот предлог со Софија во посредништво на Париз. И сега, имаме ситуација каде што постои консензус за францускиот предлог, но СДСМ преку агенции за пропаганда и ВМРО-ДПМНЕ преку своите променливи ставови – работат на амортизација на ова незадоволство и дополнителна поларизација на нашето општество.
Ова укажува дека се движиме кон криза на демократијата. Впрочем, спикерот Џафери Иницијативата за референдум поднесена од Левица, ја држи подолго време во фиока. Ова е авторитарен режим, зашто авторитарните режими се легитимираат преку цели, а не преку избори.
Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, само Левица ќе остане партија што не влегувала и излегувала од владејачкото мнозинство! Тоа е силен аларм за нашата демократија и поткупувањето на демократскиот локус околу кој треба да гравитираат сите општествени процеси.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше многу променливи изјави во текот на последната година. Неговите пратеници потпишуваа изјави на нотар, потоа нудеше предвремени избори и да се стават уставните измени во предизборните програми и на крајот неговиот Извршен комитет сабајлево излезе со изјава дека не ги прифаќаат уставните измени под бугарски диктат. Но, тоа е само изјава за членството, кое сепак следи и е свесно за одлуките на раководството.
Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ има улога во исполнувањето на софиската платформа и поткопувањето на принципите на македонската државност. Иако на ВМРО-ДПМНЕ наводно му претставува проблем да биде со ДУИ во Влада, тие совршено функционираат како партнери во Советот на Општина Велес. Така што нејасни се причините за овој политички циркус.
Оние кои се сретнаа денес се оние луѓе, оние структури, кои се причинители за нашето заложништво на патот кон европската интеграција. Тие ја продлабочуваат корупцијата и не можат да одговорат на државничките предизвици кои македонскиот народ ги бара од нив.
Левица не само што е за влез на Македонија во Европската Унија, туку Левица има и блиски врски и соработка со парламентарната група и политичката партија на европската левица. Тие се загрижени за начинот на кој Бугарија се однесува како колонијална сила кон Македонија, но очигледно е дека нашата неспособна дипломатија не може да одговори на овие предизвици.”