Пронајден е поголем фрагмент дел од архиереј, под фреските во црквата Богородица во Лешочкиот манастир

Изминатава недела при реставрација на фрескоживописот во црквата Света Богородица во тетовското село Лешок пронајден е поголем фрагмент дел од архиереј, нацртан пред 8 века, што го прави ова духовно светилиште уникатно со трослојно сликарство. Најстарото кое датира од 14 или можеби 13 век, фрескоживописот од 17 и ѕидното сликарство од 19 век, што е ретка можност да се презентира трослојно сликарство. Односно на едно место ќе може да се видат повеќето слоеви од фрескоживописот.

Конзерваторите велат дека точниот период ќе го кажат историчарите, но најверојатно делот од архиерејот потекнува од 13 или 14 век.

Фреската со архиереј се наоѓа во олтарот на манастирската црква. Видно е оштетена.

Живописот од 17-ти век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види и постариот под него.

„Спецификата е што откривме тројслојно сликарство и методите кои ги применуваме се навистина иновативни, со тоа што ќе дозволиме да се презентира и стариот живопис и тој од 17, додека тој од 19 каде што има можност ќе биде сочуван. За таа намена направивме еден посебен носач, за да можеме да го презентираме постариот живопис, тој носач ќе биде ставен на местото од 17 век и науката ќе може со помош на самиот носач да може да го види ова сликарство кое е под“ – вели Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.

На објектите од културното наследство им треба постојана заштита, но конзерваторите работат според тоа колку средства се одобрени од Министерството за култура.

Дополнително во државата има само неколку советници конзерватори за цела територија.

„Црквите пред се имаат потреба од заштита, ние со неколку луѓе во оваа држава ни малку не можеме да одговориме на тие потреби, а важни се, зашто пред се сите се фалиме со тоа културно наследство, мислам ако се фалиме треба да преземеме нешто за тоа соодветно да го заштитиме. Оваа година се минамални средствата, додава Муковски.

Конзерваторите во црквата Света Богородица, која е стара најмалку 7 века, ќе работат до средината на овој месец, а потоа одат на реставрација во други објекти во земјава.