УКИМ: Жртва на политичките елити
- Пишува: Кристијан Димков – Студент на филозофски факултет и Генерален Секретар на Црвена Младина
Дури и некој што е слеп може да види дека УКИМ веќе „не е тоа што беше“.
Речиси и да не поминува еден месец без во медиумите да произлезе некоја нова негативна информација/статистика за најстариот универзитет во Македонија. Или повторно „паднал“ на некоја меѓународна листа за рангирање на универзитети или повторно го тресе некој корупциски скандал.
Последна таква вест која ја разбранува јавноста е изборот на новиот ректор на УКИМ, кандидатот што беше поддржан од претходниот ректор. Да се биде ректор на најголемиот универзитет во Македонија, значи во практична смисла да се биде четвртата најмоќна личност во државата (по претседателот, премиерот и претседателот на собранието).
Затоа многу покажува за тоа тоа кој има власт (институционализирана моќ) во државава фактот што новата ректорка е дел од елитата во Македонија или народски кажано е „пуна ко брод“. Во својот анкетен лист, пополнет кај ДКСК ректорката има пријавено меѓудругото пет недвижнини на семејно ниво, накит од 1 милион денари, и банкарски заштеди од 435.000 и 61.000 за кои новоизбраната ректорка во изјава за „Независен“ вели дека не се сеќавала во која валута биле.
Додека „обичните смртници“ од Професори на УКИМ започнуваат со 40 000 денари плата, додека студентите живеат во неизвесност дали МОН ќе се „смилува“ и ќе исплати оброк и стипендии ректорката има толку многу пари што буквално не знае колку има.
Па добро не е бадијала економист.
Падот на УКИМ – Вистини и полувистини
Прва работа што било кој ја набројува на тема УКИМ е падот на меѓународните листи како најголем пример за „пропаѓањето“ на универзитетот. И јас сум бил еден од нив, но колку повеќе истражувам увидувам дека тоа не е целата приказна. Имено рангирањето на овие листи најмногу зависи од објавување на научни трудови и спроведување на истражувања. За овие активности, потребни се финансиски средства но Професорите што „вредат“ (бидејќи повеќето се такви – особено постарите) и сакаат да истражуваат и обавуваат трудови не добиваат никаква финансиска помош од државата. Напротив, буџетот за научни истражувања секоја година е се помал и помал.
Наместо владата и МОН да му помогнат на УКИМ и да го вратат на „старата слава“ тие тенденциозно и лукаво го саботираат. Прва и најосновна работа како го прават тоа е преку отварање на нови државни универзитети кои главно служат за профилирање и вработување на партиски кадри и „принтање на акредитирани дипломи“. Како и простор за истите кадри таму да магистрираат и докторираат бидејќи во денешно време е срамота да си дел од владеачката класа а да немаш докторат.
Професорскиот кадар е пред пензија, и се нема воспоставено никаков систем по кој истиот би бил заменет со квалитетни академски кадри, бидејќи единствениот начин да магистрирате и докторирате на УКИМ е да платите околу 15 000 евра без притоа никакви гаранции дека ќе бидете вработени во институцијата, пред некој кандидат со непотистички и/или партиски врски. Бидејќи се разбира УКИМ нема автономија и зависи од МОН кога станува збор за вработувања.
Не точно дека нема млади луѓе кои би сакале да се занимаваат со професорската профезија – без разлика на платата. Проблемот со недостигот на кадар е што истите активно се „бркаат“ од институцијата (па и државата) бидејќи се свесни – без сериозен капитал (социјален и финансиски) шансите да се вработат се многу мали. Криминогените политички елити во земјава успеаа успеаа докторатот од академска да ја направат политичка титула и статусен симбол.
Грижата на државата за УКИМ е толку мала, речиси непостоечка што дозволуваат две грди полуизградени објекти да скапуваат веќе речиси една деценија, а веќе постоечките градби ги запоставуваат – кои се дел од бруталистичката архитектура што претставува и своевидна туристичка атракција и еден од главните симболи на Скопје, односно градбите прокиснуваат и при најмалиот дожд, тоалетите се како од хорор филм а за лица со посебни потреби не се ни во функција итн.
Цела оваа трагична ситуација произлегува од тоа што, како што вели Маркс во капиталистичкото општество нема наука, односно науката се става во слуга на капиталот, потипичен пример за ова од УКИМ кој од еден од најдобрите универзитети на Балканот и Европа се донесе на ниво да го нема на шангајските листи.
Но, едно нешто е сигурно, во контраст на оваа беда, накитот на новата ректорка ќе блеска во полн сјај.
.