АктуелноИнтернационално

За над 400 милиони евра се склучени договори за јавни набавки со само една понуда

Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма, покажа мониторингот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра).

Податоците се од Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

90 отсто од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот кој бил предвиден во плановите за јавни набавки, а поништени се 31 отсто од постапките за јавни набавки. Низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 31 милион евра, што е намалување за 30 отсто во однос на претходната година.

Намален е бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34 отсто помалку од претходната година. За 63 отсто од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. 93 отсто од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот. 54 отсто од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. 46 отсто од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а 18 отсто изјавуваат дека лично се соочиле со корупција на тендерите.

Преземено од: sdk.mk