Арачиновци лути – три дена се без вода оти немаат струја

Жителите на Арачиново три дена немаат вода во домовите, бидејќи пимпите за вода се исклучени од ЕВН. Од општината велат дека причина за прекинот на струјата се неплатени долгови од 2006 година. Од ЕВН тврдат дека договорот за рати не е испочитуван.

Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими вели дека ова е неправда што и се прави на општината бидејќи такво нешто се толерира 15-20 години.

-Имаме комуникација со ЕВН и побаравме доколку ваква толеранција се прави со години од 2006 година, на водоводот или на пумпите кои ја потрошиле таа струја да не им се издаваат фактури. Не е завршена финансиската обврска и како е возможно да се бара цел долг? Иако ми понудија да платиме на неколку рати, сепак тие рати се неприфатливи. Барам одреден начин на олеснување за тој финансиски товар, вели Ибрахими.

„Општина Арачиново има постоечки договор за плаќање на рати на наталожениот долг за струја, кој не е испочитуван. Компанијата ЕВН понуди дополнителен договор за плаќање на наталожениот долг на рати, бидејќи овој долг е голем и натрупан.“, велат од ЕВН.

Покрај вода, во Арачиново нема ни јавно осветлување.