Нова фотоволтаична централа на Заеви ќе блесне на кров од зграда во Струмица
Првата фотоцентрала што ќе ја изгради Солар Грин Енерџи на Вице Заев и Панче Заев, братот и таткото на поранешниот премиер Зоран Заев, ќе биде со моќност од 315 киловати и ќе биде поставена на кров од објект. Фирмата за производство на електрична енергија, регистрирана лани во октомври, го поднесе првото барање за издавање на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика, а истото е објавено на 15 мај, објави порталот Фактор.
„Друштвото за производство, трговија и услуги СОЛАР ГРИН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Струмица, со седиште ул. Гоце Делчев бр.113 Струмица, на 10 мај 2023 до Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија поднесе Барање УП1 бр.12-314/23 за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на електрична енергија од фотонапонска електроцентрала ФЕЦ СОЛАР ГРИН 3 со инсталирана моќност од 315 kW. Друштвото за производство, трговија и услуги СОЛАР ГРИН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Струмица, со барањето достави, Решение за поставување на фотонапонски панели за производство на електрична енергија на кров од постоечки објект СОЛАР ГРИН 3 со моќност од 315 kW на КП бр. 2077/2 (на дел од објект бр.1 и на дел од објект бр. 2) КО Струмица“, објави Регулаторната комисија за енергетика.
Решението за изградба е издадено од 25 ноември 2022 од Општина Струмица. Целта за стекнување на лиценцата e производство на електрична енергија за продажба на слободниот пазар. Бараното времетраење на лиценцата е 35 години, дополнува РКЕ.
Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, е управител на Солар Грин Енерџи, чиј сопственик е Панче Заев. Сега е јасно дека оваа компанија ќе го користи сонцето како обновлив извор на енергија за производство на струја.
Солар Грин Енерџи може да се каже дека е втора фирма во потесното семејство на Зоран Заев во бизнисот со електрична енергија, покрај Тотал Енерџи на 19-годишниот син Душко Заев.