АктуелноЛокалноСтав

Сушата и нејзиното влијание во идното земјоделско производство

  • Пишува: Никола Петров – Координатор на Левица – Земјоделски сектор

Климатските промени донесоа чести промени на времето кои негативно се одразуваат во земјоделското производство на храна. Се почесто сме сведоци на топли зими без врнежи, или со недоволно врнежи од дожд и снег. Причината за промената на климата во овие размери можеме да ја лоцираме единствено во капиталистичкиот начин на производство, кој профитот го става пред луѓето и животната средина.

Оваа година Западна Европа ја чека уште едно ново сушно лето, второ по ред. Италија и Франција се подготвуваат за втора последователна година на суша по ненормално сувата зима без врнежи од дожд и слаб снег. Владите мапираат акциски планови за да се подготват за намалени приноси во земјоделството и сточарството и да ја ограничат употребата на вода пред она што најверојатно ќе биде уште едно топло и суво лето.Италија воведе владин план за борба против сушата и назначи комесар за да го спроведе тој план. Со слабите зимски снежни врнежи, земјоделците во италијанскиот регион Емилија-Ромања можеби ќе треба да ги напуштат традиционалните култури како пченка и соја и наместо тоа да засадат сончоглед. Регионот е една од најпродуктивните земјоделски области во Италија.

Недостатокот на вода, исто така, може да влијае на снабдувањето со добиточна храна за кравите и свињите на Емилија-Ромања, чие млеко и месо се неопходни за производство на сирењето Пармезан Реџиано и познатите пршути. Италија минатата година ја зафати најголемата суша во последните 70 години, а По, нејзината најдолга река, се претвори во песок. Сушата ги погоди оризовите насади од кои се прави познатото рижото. Врнежите што паднаа во Италија минатиот месец нанесоа повеќе штета отколку корист за некои земјоделци.

Комбинацијата од пониски температури, снег и мраз им се закануваа на овошните култури кои, поради потоплата зима рано почнаа да цветаат, особено бадемите, праските и црешите.Италијанскиот министер за земјоделство и суверенитет на храна, Франческо Лолобриџида, го опиша недостатокот на вода како „итен случај“. Тој ја наведе инфраструктурата како придонесувач за проблемот. „Мораме да интервенираме во планирањето за долгорочниот, среднорочниот и краткорочниот период за да ги направиме аквадуктите, кои имаат истекување до скоро 50 отсто, поефикасни и да смислиме план за акумулации и водни басени“, рече Лолобриџида. Франција забележа 32 дена без дожд оваа зима – најдолгата зимска суша од почетокот на евиденцијата во 1959 година. Нивото на снег во француските Алпи, Пиринеите и другите француски планински масиви се исто така многу пониски од вообичаеното за овој период од годината.

Во средината на март францускиот претседател Емануел Макрон вети дека неговата влада ќе смисли итен „план за вода“.Последните две лета во Франција, исто така, беа исклучително суви, што поттикна некои земјоделци да размислуваат да се префрлат на нови култури. Достапната вода од обновливи извори се намалува во Франција, со недоволни врнежи, реките се смалуваат и опаѓачкото ниво на подземните води во повеќето водоносни слоеви.

Ресурсот е намален за 14% во последните две децении, во споредба со претходните 10 години, а се очекува да се намали за дополнителни 30%-40% до 2050 година. „Ниту еден потенцијален научен модел не ни кажува дека ситуацијата ќе се подобри “, рече претседателот Емануел Макрон на 30 март, во јужните француски Алпи, каде што го претстави долгоочекуваниот „план за вода“. „Водата повторно стана стратешко прашање за целата нација“, рече тој, изразувајќи надеж дека Французите ќе вложат толку многу напори за заштеда на водните ресурси како што направија со енергијата оваа зима. На поединците треба да им се помогне да се опремат со резервоари за дождовница. Во неколку градови се тестира и опцијата со прогресивна цена на водата , при што првите неколку кубни метри се најевтини и тоа е една од идеите кои треба да се генерализира. – изјави Макрон.


Сушата сега зафаќа 60 отсто од шпанското село, при што посевите како пченица и јачмен најверојатно целосно ќе пропаднат во четири региони, соопшти главното шпанско здружение на земјоделци. Долгорочната суша во Шпанија предизвикува неповратни загуби на повеќе од 3,5 милиони хектари земјоделски култури, се вели во извештајот на Координаторот на организациите на фармери и сточари. Според извештајот, некои житни култури треба да се „отпишат“ во регионите со најголем раст на Андалузија, Кастиља Ла Манча, Екстремадура и Мурсија, а најверојатно ќе бидат изгубени во најсушните области на три други региони.

Во регионот Ла Риоха, фармерите беа во исклучителна ситуација „да мораа да наводнуваат житни култури… кога обично никогаш не се наводнуваат“, велат од здружението. Се мачат и јаткастите плодови и лозовите насади, а маслинките ќе бидат многу погодени доколку продолжи сувиот период. Недостатокот на достапна вода дополнително влијаеше на способноста на земјоделците да наводнуваат пченка, сончоглед, ориз и памук, што веројатно ќе доведе до намалена сеидба на овие култури во текот на летото.
Покрај неуспехот на земјоделските култури, сточарите ќе се борат да го нахранат добитокот поради исушените пасишта, предупреди дополнително здружението на земјоделци.

Ова, исто така, ќе биде трета последователна сезона без мед за пчеларите, бидејќи на пчелите им недостасува вегетација и цвеќиња за да се хранат во планините поради недостаток на вода. Резервоарите во Андалузија, најважниот регион за извоз на храна во Шпанија, имаат нивоа на вода од 30%. Регионалниот главен град, Севиља, може да се соочи со ограничувања на водата за пиење до лето, доколку не падне доволно дожд. Во североисточниот регион на Каталонија, просечните нивоа на резервоарите се движат околу 27% од нивниот капацитет. Има ограничувања за земјоделско и индустриско користење на водата, а забрането е користење на вода за пиење за миење автомобили или полнење на базени. Портпаролот на шпанската државна метеоролошка агенција, Рубен дел Кампо, рече дека прогнозата за следните неколку недели веројатно нема да се подобри. „Оваа суша е веројатно најинтензивната од 1960-тите“, изјави тој за шпанската радио мрежа Cadena Ser. „Во некои области, како Каталонија или источниот дел на Андалузија, е на ниво на најлоши суши поради недостигот на врнежи во последните три години“, рече тој.


Земјоделското производство е под засилено влијание на климатските и временските променливи. Системите за рано предупредување за суша се од витално значење за земјоделскиот сектор да се подготви за оваа варијабилност, зајакнувајќи ја неговата отпорност на суша. Клучни компоненти на системот за рано предупредување за суша се:

  • Набљудување и мониторинг Планирање и подготвеност за суша;
  • Предвидување и прогнозирање на сушата Комуникација и достапност до јавноста и засегнатите сектори;
  • Интердисциплинарни и применети истражувања на теми од интерес за секторите погодни од суша;

Сушата може да предизвика големи загуби во земјоделското производство, директни и индиректни. Примарното директно економско влијание на сушата во земјоделскиот сектор е неуспехот на посевите и загубите на пасиштата. Овие загуби често се пренесуваат на потрошувачите преку зголемени цени на производите, или пак за одржување на ценовна стабилност владата ги субвенционира со пари од Буџетот на граѓаните.Индиректното влијание на сушата во секторот може да вклучува намалени залихи за преработувачките индустрии на храна, како и намалена побарувачка за инпути како што се ѓубривата, репроматеријали и работната сила во земјоделството.

Непазарните влијанија од загубите во земјоделското производство вклучуваат оптоварување на менаталното здравје на земјоделците.Осиромашувањето на почвата со вода предизвикува значителен пад на земјоделските култури и продуктивноста на добитокот. Дополнително, залихите на површинските и подземните води може да се намалат за време на суша, што ќе влијае на достапноста на вода и ќе ги зголеми трошоците за пристап до вода за наводнување на земјоделските култури и напојување на добитокот.

Сушата заедно со високите температури, може да ја прошири дистрибуцијата и инциденцата на штетници и болести кои ги погодуваат земјоделските култури, сточната храна и добитокот. Повеќето култури како овошје, зеленчук, јаткасти плодови и лековити билки се поранливи на суша од повеќето полски култури. Земјоделскиот сектор е важен придонесувач во економијата на државата, од исхрана на населението, девизни приливи преку извозот, обезбедување на работни места во руралните средини, суровини за прехранбената индустрија и многу други. 

Владата на Република Македонија во однос на феноменот „суша“ се однесува како тој да не постои, или пак како да е далеку од нас. Ваквиот индиферентен однос кон ваков голем проблем со големи импликации во општеството и економијата, а посебно во земјоделството и производството на храна, покажува на неадекватниот степен на развој на цивилизациска свест кај досегашните носителите на функции. 

Извештајот на Државниот Завод за Ревизија констатираше низа нерегуларности во работата на државното претпријатие АД Водостопанство. Освен старите и веќе нефункционални системи за наводнување на земјоделските површини, голем проблем се и губитоците на вода од нив, како и нефактурирањето на потрошената вода и кражбите. Се доцни со изградба на новите брани, старите се запуштени, додека дел од акумулациите се празни или полу празни заради потребите за производство на електрична енергија.

Иако засега проблемот со недостатокот на вода од врнежи како и од системите за наводнување на посевите не е изразен до тој степен да претставува висок ризик по земјоделското производство, сепак ако ги земаме во предвид сите сегашни индикации на ова поле, ќе заклучиме дека не сме далеку од денот кога недостатокот на вода и сушата ќе станат и наше секојдневие.

Феноменот „суша“ е светски проблем. Инфлацијата од зголемените цени на храната, како и недостаток на одредени земјоделски производи веќе ги почувствувавме на наш грб. Нашата држава како увозно зависна од храна ќе трпи несогледливи последици при голема суша и уништување на домашното земјоделско производство. Веќе го пречекоривме прагот кога требаше да почнеме со имплементација на мерки за одговор на овој феномен.