Левица: Груби – Феудалец од минатиот век
- Реакција на Левица – Трудов Сектор
Најавите за укинување на недела како неработен ден е само дел од модус операнди оваа анти-работничка власт, која секојдневно ги редуцира правата на работниците, ставајќи се во служба на олигархијата и моќниците. Ова е тренд и во европските земји – да се намалуваат работните денови, дури и од пет на четири дена во неделата. Кај нас, и оваа мерка беше половично спроведена, односно трговските центри продолжуваат да работат со што работниците во оваа дејност се дискринимирани.
Изјавата на премиерот во сенка Артан Груби, за жал, не изненадува, затоа што истиот е најголем поборник за неуставното воведување на 60-часовна работна недела, експлоататорска мерка која не’ враќа во 19-ти век и со која се воспоставува корпоративен феудализам.
За крај, сакаме да потенцираме дека изминативе 30 години, сите бизнис-партии системски ги редуцираа работничките права кои беа стекнати за време на социјалистичкото уредување, бидејќи токму овие партии се финансирани од најбогатата класа, која егзистира врз грбот на работниците. Сведоци сме на нерамномерен и вртоглав раст на профитите, како и концентрација на богатството во мал број моќници, додека платите на работниците ниту приближно не го следат овој раст.
Во последните извештаи, Македонија е држава со највисока стапка на класна раслоеност, додека СДС, ДУИ и ДПМНЕ го блокираат и Законот за екстра профит, кој симболично би ја намалил оваа раслоеност.
Затоа, додека моќниците се организираат за да ги остварат своите права во овие бизнис-партии, потребно е работниците да го следат нивниот пример и политички да се организираат за да се изборат за она што им следува – преку борба во Парламентот со единствената работничка партија.