Апасиев: Или ќе играме со сите големи сили, или ќе станеме Курди на Балканот
Класното и националното во Македонија се испреплетени, тоа не може да се одвои, токму затоа и настана поделбата во Левица, – објаснува во емисијата „Тешки муабети“ лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тој зборуваше за актуелните геополитички случувања, за што смета дека Македонија ако сака да опстане како земја, мора да игра паметно со сите големи сили, а не само со една.
-Моето крило кое победи беше на став дека националното не смее да се остави на ВМРО-ДПМНЕ, дека ние мораме да имаме став по тие прашања бидејќи нас ни го негираат националното. Класното и националното се испреплетени во Македонија.
Во Македонија социјализмот, за разлика од Западот се памети како добар период, нашата држава е направена од социјалисти. И тогаш, на првото заседание на АСНОМ имало знамиња на трите големи сили, СССР, САД и Британија. Тие луѓе знаеле дека за да ве биде треба да играте со големите сили, ама со сите, не само со еден оти тоа кошта.
Сега САД и Русија остануваат, сега третата сила наместо Британија е Кина. Во Македонија и тоа што е нормално се смета за радикално и кај нас мислам дека или ќе играме со сите, или ќе не нема, ќе станеме Курди на Балканот, вели Апасиев.