АктуелноИнтернационално

Лавров: Русија повеќе не е партнер на ЕУ, подготвени сме на остар одговор

Европската унија стана непријател за Русија, а Брисел ја загуби Москва како свој партнер, оценува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Европската унија ја „изгуби“ Русија. Самата Унија е виновна за ова. Земјите-членки на ЕУ и нивните лидери отворено изјавуваат дека на Русија треба да и се нанесе стратешки пораз. Затоа ние ја сметаме ЕУ за непријателска организација“, објасни Лавров во своето последно интервју за весникот „Аргументи и факти“.

Како што вели тој, за ова придонесува несовесното доставување воена помош за Киев, како и одлуката на ЕУ да ги обучува украинските војници на своја територија и да ги испраќа своите платеници на фронтот.

„Ги донесовме потребните заклучоци. Ќе одговориме на чекорите на непријателот многу остро доколку е потребно, водени од националните интереси на Русија и општо прифатениот принцип на реципроцитет во дипломатската пракса“, предупредува тој.

За разлика од односите со Европската унија, министерот посочува дека односите со НР Кина се на највисоко ниво досега, дека на своите кинески колеги гледа „пријатели и другари“ и дека Москва и Пекинг се подготвени да застанат во меѓусебна одбрана на клучните интереси, доколку има потреба од тоа.

Според него, односите меѓу Кина и Русија се еден од најважните фактори за градење праведен, полицентричен светски поредок, заснован на меѓународното право и принципите на ООН, а големото медиумско покривање на последната посета на кинескиот лидер Си Џинпинг на Москва покажува дека „ светот ги слуша нашите јасно формулирани заеднички позиции за најактуелните прашања на денешницата“.

„Кина е главен трговски партнер на Русија веќе 13 последователни години. Во изминатите две години билатералната трговија се зголемува годишно за една третина и ќе достигне ново рекордно ниво оваа година“, потсетува тој.