Промоција на книгата „Ѓорѓи Доневски – зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“
- Промоција на книгата „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“ од проф. д-р Наташа Диденко
3. април 2023година, 19:00 часот
Салон 19:19 – Културно Информативен Центар
Книгата на проф. д-р Наташа Диденко е прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Авторката на книгата ни открива дека творечкиот истражувачки потфат на Ѓорѓи Доневски, кој го започнал во 70-тите години на XX век, е од исклучително значење за македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја, бидејќи на македонската научна и стручна јавност за прв пат ѝ ја открива вредноста и автентичноста на ова неизмерно богато музичко и фолклорно наследство на македонскиот народ.
Резултат на неговата огромна истрајност, посветеност и педантност во етнографското истражување на народното музичко творештво од Егејскиот дел на Македонија е збирката прекрасни песни „Сокол ми лета високо“, во кои се вбројуваат и песните „Твоите очи Лено мори“, „Бело лице љубам јас“, „Тивко Мирка си заспала“, „Огреала месечина“, „Чупче од онака“, „Сокол ми лета високо“ и низа други песни што и денес се пејат од бројни групи и изведувачи. Ѓорѓи Доневски беше иницијатор и главен двигател во развојот и дејноста на КУД “Гоце Делчев”, каде за прв пат беа поставени и изведувани песни и ора од Егејскиот дел на Македонија, како и на женските вокални групи „Бапчорки“, „Воденки“, „Мегленки“ и „Сирма“.