АктуелноЛокално

Заими: Во Македонија ќе одекнат истрели за одвојување на албанските територии

„Ако меѓународната заедница му наметне на Косово да мора да ја прифати ‘Заедницата на српски општини’, со која Србите бараат територијално решение за нивните етнички проблеми, тогаш ќе биде урнат главниот принцип од Охридскиот договор дека нема територијално решение за етничките проблеми, кој ги спречи Албанците да ги одвојат нивните територии во Македонија во 2001 година. Потоа, порано или подоцна ќе одекнат истрелите!“ –

Ова го напиша Арбер Заими, член на Претседателството на владејачката косовска партија „Движење Самоопределување“ (Ветвендосје“), на својот фејсбук-профил, реагирајќи на разговорите на косовскиот премиер и претседател на „Самопределување“ Албин Курти со претседателот на Србија Александар Вучиќ денес во Охрид во врска со европскиот „План за нормализација на односите Косово-Србија“. Објавата ја пренесуваат весникот „Лајм“ и некои други медиуми на албански јазик од Македонија и Балканот.

Објавата на Арбер Заими е во апсолутна смисла директна закана за територијалниот интегритет на Република Македонија и за нејзиниот унитарен карактер како држава! Оваа закана е дотолку посериозна и поопасна, бидејќи Арбер Заими е и политички советник на Претседателството на владејачката косовска партија „Самоопределување“! Со оваа објава на фејсбук Заими ги предупредува САД и Европската Унија, кои силно притискаат и да се формира „Заедницата на српски општини“, што ќе преземат Албанците од Македонија, ако Косово присилно ја конституира таа српска „Заедница“.

Арбер Заими пишува: Пред 22 години во Охрид беше потпишан „Охридскиот договор“ со кој заврши војната во Македонија. Главниот принцип на тој договор беше дека „нема територијално решение за етничките проблеми“.

Овој принцип имаше за цел да ги спречи Албанците, кои бараа одвојување на нивните територии од таа држава. Денес во Охрид Србите бараат од Косово територијално решение за етничките проблеми.