АктуелноИнтернационално

Левица од Каракас: Без национално нема класно ослободување

Во Каракас – главниот град на Венецуела, изминатиот викенд се одржа третиот собир на Светската анти-империјалистичка платформа, чиј домаќин беше Обединетата Социјалистичка Партија на Венецуела. Активно учество на овој собир земаа над 30 левичарски партии од различни земји ширум светот.

На конференцијата #Левица беше претставена со говорот на Координаторот на Секторот за Надворешна политика, Александар Симонов. Фокусот беше ставен на борбата за опстанок на малите народи и работничката класа, кои се потиснати од империјалистичкиот хегемон во истрошениот униполарен свет кој неминовно претрпува драстична промена, како и задачите на левичарските и анти-империјалистички партии кон кои се стреми левото движење во светски рамки. Во прилог го пренесуваме целосниот текст од говорот:

На униполарната зима ѝ иде крајот. Овој крај, нема да дојде наеднаш, за него абер носат „кокичиња“ кои почнаа да наѕираа уште пред некоја година. За пролетта да дојде, ќе мора да преживееме уште некоја бура, чии последици ќе го скројат штофот на пролетната флора. Сонот за пазарна и либерална глобализација повеќе не звучи реално. Глобалното лидерство се помалку му припаѓа на колективниот Запад, а идејата за нов мултиполарен свет, денес е сѐ поблиску до тронот.

„Арапската пролет“ потфрли, светот во неа повеќе не препознава опција која може да доведе до посакуваната од Западот, неолиберална „демократија“ на Блискиот исток и Северна Африка. „Шарените револуции“  некаде завршија тотално неуспешно уште на почетокот, а некаде требаше само да почекаме и да ги видиме „демократско избраните“ слуги на Западот, чии анти-народни насекаде се обзнанува. „Борбата против тероризмот“ на економски богатите демократии се претвори во фарса и вистинска беззаконска репресија врз економски сиромашните народи, а работничката класа и малите народи одново и одново беа оние кои најмногу настрадаа. 

Ковид кризата ја исфрли на површина целата буржоаска несолидарност која профитите ги акумулираше за сметка на живот на обичниот човек. Државите се покажаа неуспешни во справувањето со домашните елити, кои здравствената криза ја претворија во воено профитерство. Растечката економска нееднаквост помеѓу буржоазијата и обичниот човек, западната елита и остатокот од светот, никој повеќе не може да ја сокрие!

Воената операција во Украина беше потребно само еден ден за да го открие лажниот привид на демократијата. Првиот случај кога Западот ја немаше контролата на еден конфликт, приватното престана да биде „свето“, цензурата стана норма на поведение во јавниот дискурс, осудувањето за искажано мислење е развиено во обичајна норма, а санкциите кон секој што различно размислува, неминовна обврска за казна. Од овие казнувања, теретот уште еднаш беше префрлен на грбот на работничката класа, „казна“, која дополнително го отуѓи работникот од неговиот производ, а народите од можноста за размена на нивните добра.

Заострувањето на реториката и подгревањето на тензии на секој агол во светот, на Тајван или Сирија, на Балканот или Јужна Америка, на Украина или во Чиле е потврда за губење на моќта на хегемонот да управува со нештата. За неправедноста наметната преку сила од страна на НАТО повеќе не се шепоти дури ни во најбогатите колонијални сили. Идејата за напуштање на НАТО повеќе не е табу тема ниту во земјите од колективниот Запад. Сѐ поголема е поддршката на партиите и движењата кои во својот постулат имаат зацртано спротивставување на нео-империјалистичката нарав.

Неминовно, се гледа залезот на униполарниот свет, на капиталистичкото општество, на неолиберализмот. Идејата за раѓање на мултиполарен свет, станува посилна од било кога!

Затоа, ова е историска епоха на промени кои левите платформи, левичарските, социјалистичките или комунистички партии мораат да ја искористат. Потребна е макотрпна работа на нашите партии и движења за втемелување на работничката визија за управување со светот во секоја општествена пора, каде: унапредувањето на работничките и социо-економските права на граѓаните се предуслов за сузбивање на сиромаштијата, за намалување на класната раслоеност и за создавање на бескласно општество, во кое праведна редистрибуција и одговорно користење на производствените средства и резултати е наша морална обврска. 

Не смееме ниту да заборавиме за потребата од почитување на волјата и суверенитетот по однос на внатрешните прашања во државите ширум светот, вклучувајќи ја нивната национална и културолошка посебност и специфичност. Потребно е да градиме свет различен од овој сега, во кој доминацијата на колективниот Запад, запоседнуваќи им го пазарот и ресурсите, им ја наметнува и својата агресивна западизирано-правична култура и „цивилизациска вредност“ како ултимативна и универзална, што резултира со ерозија на бројни вредности негувани од помалите на број народи.

Наша должност е да застануваме против унилатерализмот и доминацијата на светската суперсила поддржана од колективниот Запад, која го прави светот опасно место за живеење, безочно предизвикувајќи војни во други земји и наметнувања на контролирана нестабилност и опасна милитаризација на општествата ширум светот, кои во свое заложништво ја ставаат работничката класа.

Нашата борба е за еден Нов свет, базиран на слобода, еднаквост, солидарност, правда, мир, задоволување на човековите потреби и зачувување и унапредување на животната средина. Во духот на максимата дека „нема права без обврски, ниту обврски без права“ – убедени сме дека таков свет може да се оствари само ако луѓето сами ги контролираат своите постапки и ако активно се вложат во создавањето на општество базирано врз тие вредности. 

Во таа смисла, ние се бориме за интересите на угнетените и ја цениме улогата на секој поединец како општествен чинител.

За нов и подобар свет можеме и мораме да се избориме!

Ќе победиме!

Говорот на: Александар Симонов – координатор на Сектор за надворешна политика безбедност