Во ИТ секторот на ФЗОМ нема ниту еден ИТ инженер

Премиерот најавува награди за инжењери, во Фондот за здравство, но таму во суштина и нема таков кадар. Двајца среднисти, двајца програмери кои не разбираат мрежен систем и уште двајца почетници кои се мислат каде да си заминат, брои ИТ секторот на Фондот за здравство, дознава Алфа од свои извори.

„Сакам да се заблагодарам и на инженерите. Главниот инженер сега е на боледување поради исцрпеност, бидејќи работеше 24 часа на ден. Ќе предложам да биде одликуван со државна награда во име на сите компјутерски инженери кои во моментов работат на спречување на сајбер напади“, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Шефот на информатичарите, Сашо Станчевски е на боледување од минатата среда, кога во вторникот се онесвестил од стрес, а во фондот е поставен со овластување само две години, брифираат од Фондот. Името на Станчевски се појавува во многубројна работна група која ја формирал поранешниот министер, Венко Филипче, за воспоставување на функционален секторски пристап во областа здравство. Покрај Станчевски, ненаспана и уморна е и директорката, за која премиерот Димитар Ковачевски вели дека заслужува честитки наместо понесување на одговорност.

Никој од директорите во Фондот не чувствува морална одговорност, а доколку во истрагата се утврди штета некој треба да понесе и кривична одгвоорност, но никој од власта не дава одговор. Согласно правилникот на внатрешна организација на Фондот, директорот на секторот за информатика се грижи за безбедноста на системот и податоците, но иако Алфа се обрати со прашања до Фондот, засега немаме одговор оттаму дали Станчевски направил план за работа во врска со ова прашање.

И наместо да биде казнет или отпуштен, шефот на ИТ секторот веројатно ќе добие државна награда. Ова го најави премиерот, бидејќи системот на Фондот е вратен за 14 дена, а на останатите земји им требале во просек по 22 дена за да се справат со хакери.

Останува неодговорено и прашањето како Фондот го доби клучот за податоците од хакерите, дали со плаќање откуп или со помош на странските ИТ експерти за кои директорката Магдалена Филиповска Грашкоска крие колку чинеа нивните услуги, а нејзиниот колега директорот Фатон Ахмети за кој никој од власта не го посочи дека е со замор во очите или, пак дека е заслужник за државна награда, е во Америка користејќи годишен одмор.

Преземено од Алфа.мк – Паула Костадиноска