Дали пукачот од Чаир Мерван Љоки е близок до ДУИ?

28-годишниот Мерван Љоки е осомничениот кој го повредил началникот на чаирската полиција, а потоа дури извадил пиштол и му го вперил во глава. Станува збор за инцидентот за кој вчера медиумите објавија дека на место на настанот бил присутен и заменик директорот на БЈБ.

„Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци“ – соопштија од обвинителството.

Во денешното соопштение веќе се спомнува дека имало напад врз полициски началник и вперен пиштол во глава, за разлика од вчерашното соопштение на МВР каде не беше спомнат никаков напад, со забелешка дека се води истрага. Од друга страна МВР пак вчера соопшти дека откако бил совладан осомничениот, неколку лица од неговата група почнале да се влечат со присутните полицајци по што осомничениот Љоки избегал. Осомничениот се предал вчера односно ден по инцидентот.

Обвинителството бара притвор и го гони осомничениот Љоки за две кривични дела: Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од анонимен извор на Твитер беше споделена информацијата дека обвинетиот во овој инцидент Мерван Љоки е близок до владејачката ДУИ. Во објавата на Твитер пишува:

Пукачот Мерван Љоки е брат на Муједин Љоки – претседателот на ДУИ на огранок Визбегово каде и живее заменикот директор на БЈБ, Ариф Асани.