Изложба во КИЦ: Сто години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски

  • Соопштение на Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје

Културно информативниот центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на ретроспективната изложба на 26 мај 2022 година, Културно информативен центар – Скопје, Империјал I и II, 20 од часот

Славко Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти. Присуството на оваа генерација ќе биде одбележано под знакот на „модерната“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат.

Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и препознатлив архитектонски израз. Успешно учествува на многубројни јавни домашни и меѓународни конкурси на кои освојува врвни награди. Притоа важно е да се истакне дека повеќето од конкурсните проекти биле прифатени за реализирање, со што Брезоски постигнува и меѓународна афирмација.

Меѓу позначајните објекти се издвојуваат Стоковната куќа во Скопје, Комунално-Комерцијалната банка во Скопје, Амбасадата на СФРЈ во Бразилија, Спомен Шамарица во Хрватска, Архиепископскиот Соборен Храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и зградата на Работнички дом во Скопје во чии рамки се наоѓа и Културно информативниот центар – Скопје.

Токму тука, во Културно информативниот центар – Скопје, ќе биде поставена изложбата по повод 100 години од неговото раѓање, што за нас претставува посебна гордост. Оваа изложба се поклопува и со јубилејот 55 години Културно информативен центар – Скопје, кој го одбележуваме оваа година.