Сите сакаат да ја обноват Украина, но не со свои пари
Обновата на Украина е „голема економска можност“ за светските компании, пишува „Њујорк тајмс“, но во тој бизнис план има неколку непознати: никој не знае колку долго ќе трае конфликтот, кој ќе ја води реконструкцијата и најважното, кој сето тоа ќе го плати.
Затоа бројни светски компании сакаат да бидат меѓу првите кои ќе бидат вклучени во листата на заинтересирани страни во обновата, но малкумина се подготвени сами да бараат инвеститори, а уште помалку да инвестираат свои пари.
Првичните проценки за обнова на физичката инфраструктура се движат од 138 до 750 милијарди долари, што ја прави Украина најголемото градилиште во светот и одлична можност за заработка.
Од каде пари?
Долгорочната реконструкција нема да зависи само од исходот на конфликтот, туку и од тоа колку САД и Европската унија се подготвени да издвојат за тоа.
Тие во моментов се доста зафатени со пресметување колку оружје да испратат во Киев, како да ги надополнат резервите на муниција што се трошат во огромни количини во борбите, и како да се справат со сè понеизвесната економска ситуација дома.
Украина и неколку европски земји силно се залагаат за идејата за конфискација на руските замрзнати средства и користење на тие средства за реконструкција, но некои скептици, вклучително и претставници на администрацијата на Бајден, ја доведуваат во прашање законитоста на таквите потези.
Сите сакаа да продадат нешто
Повеќе од 300 компании од 22 земји се регистрираа на саемот „За обнова на Украина“ во Варшава оваа недела. Салата во Давос каде се разговараше за инвестициските и градежните планови беше преполна, додека во Париз во декември повеќе од 700 компании присуствуваа на настан со иста тема, во организација на францускиот претседател Емануел Макрон.
Весникот, сепак, ја цитира изјавата на извршниот директор на „Украина инвест“ Сергеј Цивкач:
„Сите велат: сакаме да помогнеме во обновата на Украина. Но, дали сакате да ги инвестирате вашите пари или сакате само да продавате стоки и услуги? Тоа се две различни работи. Повеќето од нив се заинтересирани да продадат нешто“, вели Цивкач.
Клучното прашање овдека е кој ќе ги контролира парите, кој ќе ги склучува договорите и најважното – кој ќе плати. Се уште траат жестоки дебати меѓу ЕУ, САД и Светската банка за контролата на парите, кои за жал, сè уште ги нема.