(Видео) Мојсоска: Кога акционерските друштва на СДСМ и ДПМНЕ ве напаѓаат значи дека сте на правилниот пат
Во денешната емисија на утрински печат гостуваше Генералниот секретар на Левица Јована Мојсоска, која зборуваше на повеќе актуелни теми. Поради фактот дека во изминатиот период двете „најголеми“ политички партиии постојано ја напаѓаат Левица, особено преку лажни обвинувања, Мојсоска зборуваше токму на оваа тема, констатирајќи дека доколку СДСМ и ДПМНЕ ве напаѓаат, тоа значи дека водите вистинска политика.
Кога гледате дека двете акционерски друштва (СДСМ и ДПМНЕ) кои Македонија ја имаат претворено во приватна сопственост координирано и хистерично секојдневно ве напаѓаат тоа е знак дека сме на правилниот пат.
Генералниот секретар на партијата додаде дека ова не е ништо ново и дека ваквите напади се нешто со што се соочува секое искрено и автентично работничко движење кое води анти-естаблишментски политики.
Ова не е нешто ново, секогаш кога има вакви работнички движења кои се формирани врз анти-естаблишментски политики има такви кампањи обиди за дискредитација за демонизирање, дури и се гледа дека овие кампањи кои ги води СДСМ се увезени од странство и затоа тие во јавноста се повеќе предмет на потсмев, отколку што народот ги сваќа сериозно, сите тие обвинувања дека сме руска партија која шири руско влијание.
Во продолжение Мојсоска беше запрашана за нападите кои ги трпи партијата обвинета за руски влијанија, на што таа одговори дека во досегашната македонска историја само американски амбасадори бркале пратеници по собрание да гласаат за промена на уставното име на Македонија.
Според мене, небулозно е да се збори за ширење на руско влијание во државата, затоа што јас не знам некој пример во македонската историја руски амбасадор по ходници да брка пратеници за промена на уставното име.
На крајот Генералниот секретар на Левица, говорејќи за кредибилитетот на „меѓународната заедница“ додаде дека, истите оние странски фактори кои го окарактеризираа груевизмот како режим, на крај се сликаа заедно со слугите на режимот по промената на името на државата.
Ако сакате да збориме за странско влијание, ние ја имаме сликата со поранешната американска амбасадорка Брнз, која беше сликана со осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на уставното име. Значи, буквално таа цела меѓународна заедница која за време на груевизмот беше против, го прогласуваше за режим, стигна до тоа да се слика со Муковски со Камчевска, кои беа симбол на груевизмот. Малтене, таа слика ќе остане симбол на неказнивоста на корупцијата во Македонија, – заклучи Мојсоска