(Видео) Мојсоска: ЕУ е заложник на великобугарските апетити

На интервјуто со новинарот Срѓан Ивановиќ, во утринската емисија на Слободен печат, Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска, зборуваше за ставовите на Левица по однос на ЕУ и НАТО.

Мојсоска изрично нагласи дека Левица е против членството на Македонија во Нато, што не е случај со односот на партијата кон ЕУ, додавајќи дека секоја левичарска партија во светот е анти-НАТО партија.

Одамна тврдиме дека нема евро-атлански интеграции, има европски, има атлански интеграции! Последниов период гледаме дека ЕУ станува заложник на НАТО интересите. Иако и таму има обиди, особено Франција, да не зависи безбедносно од НАТО, Европа да си создаде свои безбедносни сили. Апсолутно сме против НАТО, тоа е во статут на секоја левичарска партија во светот!

Во продолжение Генералниот секретар истакна дека членството на државата во ЕУ не смее да биде по секоја цена, особено не во услови на големи гео-политички промени, каде се постојат различни алтернативи на меѓународната сцена.

НАТО го надмина своето време за кое беше формирано. Ние сме за ЕУ, но не по секоја цена! Особено во услови кога има гео-тектонски промени на геополитичкиот поредок ние не можеме да говориме дека нема алтернатива. Посебно што искуството покажува дека секое фамозно приближување до т.н. евро-атлански интеграции директно го деградираат интегритетот и суверенитетот на државата.

Мојсоска е на став, дека овие бугарски барања за отворање на процесот за преговори нема да бидат последните, а ставот го поткрепи со примерите од минатото.

Еве почнете од 1995-та, па Рамковен договор, последно Преспански договор, кога рекоа дека „ги завршивме сите отворени прашања“, дури и Пендаровски тврдеше, дојдовме сега повторно и Бугарија, која беше губитник во Втората светска војна да не уценува.

Генералниот секретар на Левица, застапувајќи ја тезата дека постојат алтернативи за Македонија надвор од ЕУ, констатираше дека државата мора да ја продлжи борбата во застапување на сопствените, а не на туѓи интереси.

Јас воопшто не сум приврзани на тезата дека нема алтернатива, знаете, тој ЕУ, НАТО фундаметализам, кој се наметнува во јавниот простор е погрешен. Според мене безалтернативноста е состојба на смрт, додека човек додека е жив, природен инстинкт е да се бори, јас одбивам да ја прогласам Македонија за мртва заради нечиј стратешки интереси.

На крајот, Мојсоска констатираше дека ЕУ е претворена во заложник на великобугарските барања, согласувајќи се со ставот на Фуере кој вели дека Бугарија се однесува како колонијална сила кон Македонија.

Би се навратила на сите овие процеси во кои ЕУ, особено со Бугарија, гледаме како е заложник на бугарските фашистички апетити. Видете, вие ја имаме изјавата на Ерван Фуере, кој признава дека Бугарија се однесува кон Македонија како колонијална сила и дека ЕУ дозволува буквално Македонија да биде заложник на сите тие великобугарски апетити.