АктуелноИнтернационално

Јанчев: Мултиполарниот свет е единствен фактор што може да го заузда разбеснетиот Западен империјализам

Членот на ЦК и на Сектор за надворна политика на Левица, Јанчев, изминатиов викенд беше дел од состанок на Светската анти-империјалистичка платформа во Атина.

Од претставникот на Левица беше побарано првенствено Грција и Бугарија да го прифатат постоењето на македонската нација како факт. Потоа балканските земји меѓусебно да си го признаат постоењето на националните малцинства и да ги гарантираат нивните права согласно меѓународните права. И трето, балканските земји да си ветат дека нема да има повеќе менување на границите на Балканот, а државите да соработуваат кон таа цел.

Јанчев смета дека ова е единствениот начин да престанат конфликтите на Балканот, а со тоа и националната нетрпеливост и ќе се создаде основ за заеднички одговор на империјализмот. Во прилог ви го пренесуваме говорот на Јанчев на анти-империјалистичката пкатформа во Атина:

„Империјализмот е болест. Тоа е болест која го придружува човекот од почетокот на цивилизацијата. Тоа е феномен кој живее и се развива од една страна на база на шовинистички светоглед согласно кој една група на луѓе, која нема ништо свето освен профит, врз основа на неосновани верување за нивната супериорност, се убедени дека имаат право да ги експлоатираат сите останати, да ги експлоатираат светските ресурси, дури и да ги уништат и убијат сите кои ќе им се спротистават.

Од друга страна, империјализмот се развива на база на културен лаг во форма на друго неосновано верување, дека нема доволно ресурси на планетава и дека оваа група на луѓе има ексклузивно право истите да ги приграби и да профитира од нив.

Резултатот е незамислива деструкција на материјални богатства и, потрагично, човечки животи. Се на се, империјализмот е заеднички непријател на обичните луѓе низ цел свет. Ова е подмолен непријател поради тоа што преку агресивна пропаганда секогаш нуди изговори за да ја оправдува својата деструкција со некое претпоставено поголемо добро. Во минатото изговорот бил ширње култура и цивилизација, а денес изговорот е ширење демократија, правда, слобода, човечки права итн.

Деструктивниот капацитет на империјализмот денес е поголем од било кога претходно. Тоа е така од две причини. Прво, денес техничките капацитети на оружјето, медиумите и финансиските институции се историски поголеми од било кога претходно. Втората причина е униполарноста на светот во изминативе неколку декади.

Ние сме генерации кои преку наше искуство научивме што значи да се живее во униполарен свет. Кога има повеќе суперсили на маса, поради страв од меѓусебно уништување по искуството од Втора светска војна, истите имаат природен притисок да ги решаваат спротивностите по мирен пат или барем да не покренуваат целосни воени инвазии во други земји. По падот на Советскиот сојуз светот се најде во ситуација на опасен вакум, во кој не постои таков притисок.
Тоа го ослободи западниот империјализам воден од САД, кој почна да беснее низ цела планета, а резултатот од тоа се разорувачки штети низ цел свет. Тоа остави милиони осакатени, сираци, раселени, бездомници, необразовани и убиени и истиот дури беше и причина за појава на терористички групи како ИСИС.

Има примери кога првично имаше функционални држави, но по империјалните интервенции таму има распаднати држави без надеж за брзо опоравување. Импреријализмот им донесоа хаос на оние кои отиде да ги ослободи, но исто така им донесе бенефити и огромен профит на западните империјалисти и нивниот воен-индустиски-медиумски-академски комплекс. Битно е да се каже дека сите земји кои беа погодени од западниот империјализам беа земји со мала или средна политичка, економска и воена моќ.

Оваа последна забелешка е многу битно да се потенцира поради тоа што земјите со мала или средна политичка, економска и воена моќ можат мирно да егзистираат во овој свет само ако истиот е мултиполарен. Во униполарен свет тие имаат само една опција, да бидат силувани.

Ова не’ носи до војната во Украина и до поентата зошто е погрешно да се изедначуваат минатите и сегашните западни, империјални, воени интервенции со руската воена интервенција во Украина, како што многу наши другари имаат потреба да прават.

Ако ги тргнеме настрана сите предупредувања од Русија дека ширењето на НАТО кон руската граница, по распадот на Варшавскиот пакт, се гледа како опасност за Русија, ако го тргнеме настрана начинот на кој САД реагираа за време на Кубанската ракетна криза кога беа соочени со слична опасност, што ја прави оваа војна испровоцирана и тотално предвидлива, причината зошто е погрешно да се изедначуваат руската интевенција во Украина со западните воени, империјални интервенции е поради тоа што руската интервенција игра значајна улога во создавањето на новиот мултиполарен свет.

А нов мулитполарен свет во моментов е број еден фактор кој може да го заузди разбеснатиот западен империјализам. Да не се биде способен да се види ова и да се направи оваа разлика е едноставно политички незрело.

Украина имаше шанса, со водење политика кон финско сценарио за Украина, да биде бабица која ќе помогне во ненасилно раѓање на новиот мулитполарен свет. Наместо тоа, западните вазали решија да ја жртвуваат Украина за зачувување на изумирачкиот униполарен свет доминиран од САД.

А оваа грешка ме води до нас, малите балкански земји, и до работите кои треба да ги направиме како би спречиле украинско сценарио на Балканот во ова ново поместување на геополитичките тектонски плочи.

Прво, треба да сфатиме дека разединети не можеме да му се спротивставиме на империјализмот. Едноставно сме премали. Потребна ни е соработка со цел да создадеме заеднички одговор како нашата борба против империјализмот би станала плодна. Имавме референдуми за Преспанскиот договор во Македонија и референдум за финансиска “помош” во Грција. На нашите империјални господари воопшто не им беше гајле за резултатите од референдумите. А кога на империјален господар не му е гајле за референдумски резултати тоа е јасен знак дека сме премали да се бориме одделно. Затоа мора да работиме кон создавање обединет балкански, анти-империјалистички фрон.

Но за да го постигнеме тоа прво треба да решиме еден голем проблем. А тоа е семето на раздорот кое беше посеано во деветнаесетти век од буржоазиите на балканските земји. По создавањето на новите национални држави на Балканот, балканските буржоазии во тие земји, како дел од империјалниот систем на големите империјални сили, не можеа да се развиваат без нови војни и окупации.

Поради тоа во секоја земја тие ангажираа академици кои требаше да создадат теории за историско право да се поседуваат одредени територии на Балканот. Овие академици го поврзаа тоа што е неповрзливо. Тие ги поврзаа новите национални балкански држави со античките и феудални балкански кралства и така се родија мегали идеите (идеите за голема Грција, Бугарија итн). Тие мегали идеи имаа една работа заедничка. Сите го негираа постоењето на македонската нација и нејзиниот јазик со цел да се окупира поголем дел од регионот Македонија.

На крај во име на тие мегали идеи балканските нации војуваа не во една, не во две, не во три, туку во четири војни. Две балкански и две светски војни. Резултатот беше никој да не биде задоволен од границите на својата држава, а мегали идеите и негирањето на македонската нација и јазик до ден денес се основ за национална нетрпеливост и поделба на балканските нации.

Денес мегали идеите и негирањето на македонската нација се повторно високо на агендата. Всушност тие се толку високо на агендата што сега истите се во форма на меѓународни билатерални договори како што се Преспански договор и Договорот со Бугарија, а тука во позадина е и Охридскиот рамковен договор, сите промовирани од и потпишани во име на ЕУ, НАТО и САД.

Моето прашање е, ако имавме војна помеѓу балкансите нации последниот пат кога семето на раздорот помеѓу балканските нации, во форма на мегали идеи и негирање на македонскат нација, беа високо на агендата, тогаш што треба да очекуваме сега? Без соменение, одговорот е дека ќе го имаме истиот исход, со таа разлика што семето на раздорот сега е наводнувано од САД, НАТО и ЕУ.

Затоа првенствено Бугарија и Грција мораат да го прифатат постоењето на македонската нација како факт. Потоа балканските земји мора меѓусебно да си го признаат постоењето на националните малцинства и да ги гарантираат нивните права согласно меѓународното право. И трето, балканските земји мора да си ветат дека нема да има повеќе менување на границите на балканските држави и да соработуваат кон таа цел.

Само тогаш ќе излеземе од магичниот круг на војната и националната нетрпеливост помеѓу балканските нации и ќе создадеме основа за заеднички одговор на империјализмот.“