Уништување на националното за сметка на јавното во предлог-законот за заштита на националното наследство
- Реакција на Левица – Сектор култура
Во новиот предлог закон за културата синтагмата „национален интерес“ е заменетa со апстрактниот термин „јавен интерес“, кој е дефиниран како „уметничкото творештво, објавувањето и достапноста на творештвото до сите граѓани на Република Северна Македонија, заштитата на правата кои произлегуваат од творештвото и заштитата на културното наследство“.
Очигледно целта на Министерството на Култура на РМ, воедно со целиот досегашен арсенал од министри, е во Законот за културата да се избрише сè што е национално, а наместо тоа, да стане јавно.
Со тоа актуелната власт и министерката за Култура тенденциозно го гушат и маргинализираат националното како браник на државата, го кријат истото од светот и го заташкуваат од идните генерации, што е директен атак на идентитетот на Република Македонија.
Работата на Министерството за култура на РМ, предводено од актуелната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска, поддржана од актуелната власт – СДСМ/ДУИ, употребува сериозни пропагандни средства против националното, што претставува директно истребување на сè што ја претставува Македонија на ниво на култура.
Оттука слободно може да се изведе заклучокот дека освен негрижата кон мартеријалното и нематеријалното културно национално наследство (што беше нотирано во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија), со трансформирање на терминот национално во јавно, намерата е да ги снема националните и идентитетски кодови на Македонија, бидејќи културата ја претставува суштината на нација.