(Видео) Јанчев: Коалицијата на СДСМ и ДПМНЕ заеднички ја задолжува Општина Гевгелија
На последната седница на Советот на Општина Гевгелија, со мнозинство гласови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, беше усвоена Одлуката за задолжување во износ од 850.000 евра.
Задолжувањето беше процес во три фази, воден од ДПМНЕ на локално ниво, а овозможен од СДС на локално и централно ниво. Во првите две фази одлуки носеше Советот, а мнозинството на ДПМНЕ му беше овозможено од СДС. Во третата, конечна и пресудна, фаза одлука носи Владата, а власта на СДС донесе Одлука со која го одобри задолжувањето на Општина Гевгелија, која е под власт на ДПМНЕ.
Во меѓувреме од СДС од Гевгелија лицемерно водеа кампања против задолжувањето. Дури пред својот штаб ставија и билборд со кој сакаа да ги информираат граѓаните како ДПМНЕ опасно ја задолжува Гевгелија.
Во прилог обраќањето на советникот од #Левица, Сашко Јанчев:
„Очигледно на хипокризијата и нема крај. Ако бев член на СДС немаше да се појавам на говорница. Прво немаше да дојдам на седница, второ ќе си ја скинев книшката и трето ќе го молев Господ да ме фати амнезија за да заборавам дека сум бил член.
Во задолжувањето има отворена соработка помеѓу ДПМНЕ и СДС или тоа што народот го вика широка коалиција. Ова беше процес воден од ДПМНЕ на локално ниво, но овозможен од СДС на локално и централно ниво.
Сума сумарум, сложни калуѓери мрсат и во петок, а СДС и ДПМНЕ сложно мрсат триесет години секој ден.”