Зад јубилејната монета од 150 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев
- Пишува: Весна Кираџиева, член на ЦК на Политичка партија Левица.
Во вакви чувствителни времиња, кога на секој можен начин, од сите страни се обидуваат да ја избришат македонската историја и да ја редефинираат, кога се обидуваат да нѐ направат сѐ помалку Македонци, важно е да ја продолжиме борбата, да не дозволиме заради нашето премолчување и апатија, полека да ни одземаат сѐ за што нашите предци, нашите народни херои, како и самиот Гоце Делчев се бореле и гинеле – денес, преку нашите квислиншки власти да им го сервираме на злонамерницте на тацна и без отпор.
На околу десетина дена пред одбележувањето на 150 години од родениот ден на Гоце Делчев – 4. февруари 2022г., работно се најдов во канцеларија на Левица. Jована (Мојсоска), меѓу другото спомна дека нашата квислиншка власт нема во план да организира никаков настан за одбележевање на вака значаен јубилеј, за еден од најзначајните, ако не и најзначаен македонски херој од поновата историја. Таа ни ја кажа идејата, ние да организираме настан за одбележување на денот, преку нашиот Левичарски институт „Рацин“.
„Бугарите дури и монети ќе пуштаат во оптек“, ни рече Јована револтирано.
Си помислив, што ли би ми рекол Гоце, денес да се разбуди и на пример да седиме на кафе со него? Скоро 120 години подоцна и ја наоѓа Македонија вака. Би бил ли задоволен? Би бил ли разочаран? Би ми рекол ли: „А бе копуци, за ова ли гинев?“ Или би рекол, „Па добро, Северна, Северна, а ич“.
ТРИБИНА: Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев
Трибината ја најавиме за јавноста некаде на почетокот на неделата. Настанот беше планиран за крајот, петочки, бидејќи така се паѓаше денот на одбележување на јубилејот – 04. февруари. Мене во глава ми останаа зборовите на Јована и мислата, дека нашите соседи, во оптек пуштаат монети со ликот на Гоце Делчев со номинална вредност од 10 лева, а која е на продажба за цена од 108 лева. Па уште ги продаваат!
Си замислив хипотетичка ситуација, 150 години отсега. Годината е 2172 и некој за мене тврди дека сум Бугарка, по истиов овој терк како денес за Гоцета. Моето потекло по баба и дедо од таткова страна, е од Егејска Македонија. Што ако за мене, за 150 години од денес, некој уверува некого дека јас сум била Бугарка, без оглед колку пати и да сум кажала во мојот животен век дека сум Македонка од Македонија и дека се борам за оваа земја и нејзината историја и за нејзината иднина. Истото го кажувал и Гоце Делчев. И сепак, без оглед колку пати и да има кажано и напишано во своите писма, за што се бори, еве, денес некои се дрзнуваат да преговараат за тоа, да се ценкаат!
Се замислив дека постои голема можност истото да ми се случи и мене, да ни се случи на сите нас. И уште пострашно, се замислив, што ако тогаш, во 2172 година, нема кој да ни го штити и брани името, што ако нема кој моето име и идентитет да го брани, како што денес ние (колку сме – толку сме) се бориме за Гоце Делчев, неговиот македонски идентитет и ова мало, напатено парче земја наречено Македонија? Што ако квислинзите го распродат и ова малку што ни останало, што ако им се остварат шовинистичките соништа за Санстефанска Бугарија и Илирида на соседите?
Не на моја стража!
Отворив на интернет да видам каква е монетата која ја издава бугарската народна банка. Воопшто не ми се допадна, се гледаше дека е направена само колку да се направи, онака, без љубов, без емоции, без чувство за искрен приказ и отсликување на неговиот лик. Морав да направам нешто подобро.
Со оглед на тоа што имам претходно долгогодишно искуство со изработка на медали за трки (за трките кои јас ги организирав и оние кога помагав во креативниот дел на трките на Скопски маратон), точно знаев што ми треба и почнав да вртам броеви. Временскиот рок не беше на моја страна. Знаев дека за изработка на медали, најкус период дотогаш ми бил за околу месец дена, а за посериозни дизајни и до 3-4 месеци. Тоа вклучува првична изработка, груб нацрт на изгледот на медалот, па до финалниот производ на изработка во метал.
Понеделник, 31. јануари (четири дена до настанот во чест на Гоце Делчев)
Веднаш се јавив кај мојот долгогодишен соработник кај кого секогаш сум ги изработувала медалите за трките, за да се исконсултирам со него, колку е реално да ги изработи монетите за толку краток временски период, од само неколку денови. Претходно, му имав испраќано дизајни за медали две недели пред трка. „Па да пробам за два дена, ама ако до утре сабајле ми пратиш дизајн и ми потврдиш да почнеме со припремата, за да почнеме со работа до среда и да имаме два дена до петок да ги завршиме“, ми одговори тој во понеделникот.
Веднаш ја контактирав Јована за да ѝ ја кажам идејата и да ја прашам дали се согласни да се нафатиме да правиме наши монетки и секако, дали сме финансиски во можност да се покријат трошоците. Значи, до тој момент, јас на Јована и ја презентирам на слепо идејата, бидејќи дизајнот мене сѐ уште ми е само во глава, немав ништо спремно за да ѝ покажам која ми е замислата, ама бевме кратки со рокови и ми требаше одговор до вечер, за да јас почнам со изработка на дизајнот, за да предлогот го пратам до друга, драга пријателка која работи графички дизајн, за да ја доведе мојата идеја до работна форма.
До вечерта, Јована ми потврди дека се консултирале во Президиум и дека се согласни да го истераме ова, „Ама прати ми го дизајнот пред да почнете, за да одобриме“. Затоа ви спомнав погоре дека ова се работи за кои е потребно минимум месец дена, бидејќи секогаш постои овој процес на напред-назад потврдување и одобрување дизајни, првични идеи, консултации со дизајнер, графички дизајнер, изработувач на финален производ и нарачател, бидејќи не секогаш, односно ретко кога, сите идеи кои на дизајнерот му се во глава, се изводливи за другите околу.
Веднаш почнав со идејата за дизајнот: она што ми беше јасно уште кога самата идеја беше никулец, е дека ликот на Гоце Делчев мора да оди централно. Од тука веќе е полесно. Во остатокот од монетата, останува да стои впишано она кое ја претставува главната цел. Во централно поле на аверсот на монетата е позиционирана силуета од ликот на Гоце Делчев, циркуларно во горниот дел на полето стои испишано 150 ГОДИНИ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, додека циркуларно во долниот дел на полето е испишано МАКЕДОНИЈА 1872-2022.
Главната цел зад идејата ми беше тоа што сакав да оставам траг за оние кои би ја виделе монетава по 100, 200, 500 или 2000 годни, како што денес археолозите на пример наоѓаат монети од времето на Александар и Филип Македонски, со нивниот лик и имаме некоја слика за тоа што се случувало во тогашна Македонија, на овој простор. Затоа сакав задолжително да стои испишано МАКЕДОНИЈА.
На реверсот на монетата, во централното поле ја ставив стилизираната петокрака, во чиј центар е испишано МАКЕДОНСКА КАУЗА. Циркуларно, одвоено со две петокраки пишува ЛЕВИЧАРКИ ИНСТИТУТ РАЦИН. Идејата за ревесот го осмислив за да се истакне кој стои зад овој ‘проект’, користејќи го актуелното лого на Левичаркиот институт Рацин, со тоа што морав да го отстранам ликот со силуетата од Рацин, бидејќи монетата може да има само една „глава“, со две глави (аверсот на Гоце, реверсот на Рацин), ќе изгледаше смешно.
Вака, идејата за дизајн ја пратив кај мојата драга пријателка Ана (која не сака да ја истакнувам, ама морав да си ја спомнам тука) прецизно ја среди работната верзија и симулацијата. Со неа лесно ги комуницирам моите идеи и не треба сто пати да ја враќам на доработка, веќе ме знае добро како размислувам и тоа е олеснителна околност, особено кога сте со краток рок.
Вторник, 01. февруари, (три дена до настанот во чест на Гоце Делчев)
Симулацијата и работната верзија ја пратив следниот ден на одобрување кај Јована за да ми потврди, а во меѓувреме и до „Пехар“ (леарницата на Панче), за да почнат со припремата додека јас им дадам финална потврда да почнат со изработка. Воедно, имајте на ум дека и сите во тимот на Левица беа растрчани околу организацијата на трибината и дека не седат со скрстени раце да ме чекаат мене за да ми потврдат дизајн за монети. Сите, особено Јована имаат милион задачи, сите со краток рок и она што јас се трудев е да не им додавам дополнителна обврска, или не повеќе од она што мене ми беше потребно за консултација и одобрувања од нив.
Среда, 02. февруари, (два дена до настанот во чест на Гоце Делчев)
Во средата, по план, монетата веќе беше во изработка.
Петок, 04. февруари (денот на настанот – Трибина: Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев)
Готовите монетки, 150 на број ги добив неколку часа пред самиот настан – трибината Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. На сите им се допаднаа и сите сакаа да добијат една. За жал бројот беше ограничен, пред сѐ поради финсиските можности, но и поради симболиката на јубилејот. Подоцна нарачавме дополнителни 350, за да можеме да им дадеме барем на оние кои се најзаслужни во борбата за македонската кауза. Имаше и такви коментари: зошто не направивте 150 илјади, за 150 години. Камо да можевме!
Мислам дека и јас и овој тим ќе бевме среќни ако ова беше изработено и потпишано од Народна Банка на Република Македонија и вредносни монети во лимитирана едиција да беа пуштени во оптек, но не беа. Сѐ беше оставено на една мала екипа, скоро сите волонтери, од една (сѐ уште) мала партија со ограничен буџет. Како што напиша тогаш за Нова Македонија, проф. Трајче Стојанов: „Но што да очекувам од властодршци што две години по ред не ја доделуваа државната награда за наука „Гоце Делчев“!? Што да очекувам од политичари што толку лесно го прекинаа континуитетот на една таква државна награда како „Гоце Делчев“ чиј прв добитник е Блаже Конески!? Награда што преживеала и поплави и земјотреси… не ги преживеа нив, политичарите и властодршците, кои не се осмелија да ја доделат во 2018 и 2019 година, оти тогаш влегувавме во НАТО и ЕУ и не требаше да се караме со соседите!?
Гоце, учителу, великану од мојата улица, не простувај им, затоа што многу добро знаат што прават! А на новите генерации што доаѓаат по нив, дај им сила и разум да бидат подобри – да ги изградат, обележат и да одат по твоите сокаци!
И во деновите на ова алтернативно чествување на годишнината на Гоце, тоа се виде – се разбуди патриотизмот на една нова „Гоцева раса“, на една нова генерација горди Македонки и Македонци!
И Гоце, оваа генерација е жилава и упорна, ти ветуваме дека трпеливо ќе ја дочекаме 200-годишнината и ќе биде спектакуларно! Како што ти личи!“
Технички детали за монетата:
Монета на Левичарски институт „Раци“, по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, Скопје, Македонија
– Издание 2022г;
– Диjаметар 35 мм;
– Дебелина на паричката е 3мм;
– Оптек: 150 парчиња (лимитирана едиција; *дополнително плус 300) = 450 парчиња
– Метал: замак-легура; патинат
– Техника на изработка: легурата се топи на 480°, се користи специјална калап-гума кој што е отпорен на високи температури; се става во хемиски кади каде што се бојат бронза, злато, сребро и патинат
– Користен портрет за силуета на Гоце Делчев: истата од официјалниот банер на настанот на Левичарски институт Рацин
– Ковница: „Пехар“
– Автор на дизајн: Весна Кираџиева
Аверс:
силуета од ликот на Гоце Делчев во централното поле,
– 150 ГОДИНИ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, циркуларно во горниот дел на полето;
– МАКЕДОНИЈА 1872-2022, циркуларно во долниот дел на полето
Реверс:
ЛЕВИЧАРСКИ ИНСТИТУТ РАЦИН, циркуларно, одвоено со две петокраки;
– стилизирана петокрака во централното поле.
– МАКЕДОНСКА КАУЗА во центарот на петокраката
- Статијата е оригинално објавено на 03 мај 2022г, тука.