Повеќе од 70 држави го поздравија законот на НР Кина за заштита на националната безбедност во Хонг Конг

Во вторникот, Народна Република Кина го усвои Законот за национална безбедност на Хонг Конг. Тој ги дефинира должностите и владините тела во Хонг Конг кои ќе бидат надлежни за заштита на националната безбедност. Законот беше донесен со цел да се реши проблемот со нестабилност, насилство и надворешно мешање кои влијаеа врз протестите кои повеќе од една година се случуваат во Хонг Конг. Тоа што законот е осудуван од страна на САД и Британија, е индикативно за континуираните империјалистички интереси во Хонг Конг, Западниот колонијален проект во Народна Република Кина. 

Во обраќање пред Советот за човекови права при Обединетите нации, Куба во име на 70 држави го поздрави усвојувањето на законот за заштита на националната безбедност во Хонг Конг, усвоен од страна на врвниот законодавен дом на Кина. Се очекува да порасне бројот на држави-потписнички на заедничката декларација.

Не-мешањето во внатрешните работи на суверени држави е основен принцип вграден во Повелбата на Обединетите нации и претставува основна норма на меѓународните односи”, се вели во заедничката изјава која беше прочитана од претставникот на Куба. 

„Законодавната моќ во однос на прашања поврзани со националната безбедност лежи во самата држава. Тоа во суштина не е прашање поврзано со човекови права и затоа не е предмет на дискусија на Советот за човекови права”, стои во изјавата.

„Ние веруваме дека секоја држава има право да ја заштитута својата национална безбедност преку законодавството и поздравуваме релевантни чекори преземени за оваа цел. Во овој контекст, ја поздравуваме одлуката на законодавството во Кина да воспостави и да ја подобри законската рамка и механизмите за нејзино спроведување во посебниот административен регион Хонг Конг, што е и реафирмација на придржувањето на Кина до принципот на „една земја, два система”.

„Убедени сме дека овој чекор ќе придонесе кон долгорочен просперитет и стабилност во Хонг Конг.  Легитимните права и слободи на жителите на Хонг Конг подобро ќе бидат заштитени во безбедна околина”. 

„Ние повторуваме дека Хонг Конг е неодделив дел на Кина, дека прашањата на Хонг Конг се внатрешни прашања на Кина кои не смеат да бидат предмет на мешање од надворешни сили”.

За потсетување, Хонг Конг стана Британска колонија после Опиумските војни кои започнаа како резултат на свесна варварска агресија од страна на империјалистичка Британија кон Кина. Целта беше јасна и својствена за агресорот – претворање на Кина во уште една колонија од која Британските колонијалисти можат да цедат ресурси и да прават профит. 

Опиумските војни го започнаа “векот на понижување”, во кој Кина беше систематски опустошена и нејзиниот народ погазен. Овој период заврши дури откако контролата врз земјата ја врати Кинеската комунистичка партија.