Димитриевски за бугарскиот клуб: Секоја добронамерна идеја е добредојдена
Провокациите од бугарска страна не престануваат. Најнова нивна провокација од ваков тип е најавеното ново отворање на т.н. бугарски културен центар во Куманово. За настанот информира бугарската Фондација Македонија, која е главен финансиер и организатор на отворањата на клубовите за про-бугарска и анти-македонска пропаганда, од каде се шират иредентистички изјави и територијални претензии кон Македонија и Македонците, провоцирајќи нетрпеливост помеѓу двата народа.
При отворањето на претходните клубови, јавноста бурно реагираше, од Левица организираа протести во Битола и Охрид, како и во Скопје против т.н. „француски предлог“ за бугаризација на Македонија. Во меѓувреме, од страна на партијата беа поднесени и пријави до ОЈО за забрана на клубовите кои носат имиња на фашистички дејци и колаборатори.
Во тој период, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, жестоко го осудуваше отворањето на бугарските клубови истите ги оценуваше како фашистички.
„Ванчо Михајлов е еден од најголемите негатори на постоењето на македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и другите сојузнички народи во Втората светска војна и промотор на тезата за голема Бугарија“ – изјави Димитриевски кога се отвораше бугарскиот клуб во Битола.“
Подоцна, за српска „Политика“ тој изјави дека Куманово е еден од градовите симболи на анти-фашистичката борба, во која македонските партизани издвојуваа победа над агресорот.
„За време на втората светска војна, Македонија беше во антифашистичкиот сојуз, предводен од партизанските единици на чело со Јосип Броз Тито, давајќи свој допринос и жртви за победата над фашизмот. Мојот град во таа борба даде над осумстотини и пеесет жртви додека тогашната власт во Бугарија беше дел од коалицијата со нацистичка Германија и беше окупатор во Македонија. За жал, денес, со отварањето на таканаречените бугарски клубови во Македонија кои ги носат имињата на партнерите и соработниците на Хитлер навистина на мала врата се промовира и се реинкарнира фашизмот.“
Сепак, пре неколку дена, во јавноста протече информацијата дека во Куманово е најавено отворање на нов т.н. бугарски културен клуб, за што медиумите веднаш акцентот на вниманието го насочија кон кумановскиот градоначалник, но за разлика од претходно, овој пат, Максим Димитриевски изјавата ја започна со значително омекната реторика, алудирајќи на „добронамерна идеја“ и „мултиетнички град“.
„Куманово е мултикултурен град. Секоја добронамерна идеја е добредојдена. Секоја идеја која што има намера да провоцира, да ги нарушува меѓуетничките односи и взаемното разбирање на граѓаните, како и да ги негира сите припадници на етнички заедници, вклучувајќи го македонскиот народ, јазик, култура, идентитет, апсолутно е неприфатливо и недобредојдено во нашиот град,“ изјави кумановскиот градоначалник за фокус..
Димитриевски во продолжениеж се огради од одговорност и додаде дека Куманово како општина не може да влијае на регистрацијата на „клубот“, додавајќи дека не е доволно запознаен со оваа, како што тој ја нарече иницијатива.
„Ние како општина немаме надлежност во делот на регистрација на клубовите, освен што издаваме согласност во делот за користење на името на градот. Не сум запознат со оваа иницијатива и очекувам да излезат и официјални податоци за истата, за да можам да дадам и конечна изјава“, додаде кумановскиот градоначалник.
Она што ја загрижува јавноста е, зошто Максим Димитриевски, лидер на граѓанското движење „За наша Македонија“, кое претендира да стане политичка партија, наеднаш ја промени жестоката реторика и ставови по однос на „бугарските клубови“?
Дел од јавноста смета дека градоначалникот на Куманово оди по линија на помал отпор, со цел што побезболно да биде реализирано отворањето на бугарски клуб во општината со која тој раководи и дека тоа е една од причините поради која не се соопштени датумот и локацијата, со цел да се избегне евентуален протест.
Во меѓувреме на многу локации во градот се појавија плакати со ликот на Гоце Делчев, под кои на бугарски јазик стојат провокативни пораки. Во меѓувреме на фејсбук се појави група Бугарски културен клуб Крсто Лазаров.
Останува да видиме што точно ќе се случува со бугарскиот клуб во Куманово и дали повторно ќе има радикални промени во ставовите на Максим Димитриевски, кој своевремено беше еден од најголемите протогонисти на „Северна“.