Затворскиот ужас и односот на државата кон него

Во македонските затвори има над 2000 осуденици кои издржуваат затворска казна во затворениот дел и околу 500 кои се во притворскиот дел.  Оваа бројка на осудени лица споредена со капацитетот со кој располагаат затворите ширум Републиката, Македонија спаѓа во првите десет земји во Европа (процент на затвореници со број на жители) и е една од ретките земји во кои во затворите има повеќе осуденици околу места.

Според податоците од Совет на Европа каде се вели дека „на 100 места, во македонските затвори има 122,3 затвореници, а потоа следува Романија со 120,5, Франција со 116,3, Италија има 115, Молдавија има 113,4, Србија 109,2, Португалија 105,9, а Чешката Република 105,6 затвореници на 100 расположливи места“. 

Во Македонија најголем број „станари“ има во затворот Идризово, околу 1200 осуденици. Ако се земе во превид дека Идризово има капацитет за 700 осуденици може само да претпоставиме како изгледаат крилата каде што се сместени осудениците и по колку луѓе се сместуваат во една ќелија. Некои од осудеците не можат да добијат кревет па остануваат да спијат по подовите со денови. Во ваквите услови автоматски се создава плодна почва за корупција односно да се „плати за кревет‘‘. Но, плаќаат богатите, бидејки само тие можат, а сиромашните остануваат да спијат по подовите без основни услови за живот.

На тој начин во затворите најубаво може да се види класната раслоеност во државата, така што богатите криминалци (кои завршиле во затвор заради милионски проневери) уживаат подобри услови, додека сиромашните, (осудени за ќебапи) за да можат да се прехранат, работат и за богатите, за некој ситен денар, или се снаоѓаат како знаат и умеат во борбата за преживување.

Пренатрупаноста во затворите пред неколку години имаше обид да ја ублажат со законот за амнестија, кој што не се покажа како соодветно решение, бидејки за многу кратко време поголемиот број од осудениците рецидивираа, односно повторно сторија кривично дело и се вратија назад во затвор.

Тоа пак од своја страна го отвара прашањето за ресоцијализацијата во Македонија и колку таа е ефективна, односно колку имаме успешни стратегии и политики за да го намалиме криминалитетот во Македонија.

Исто така се отвара и прашањето дали може воопшто да се размислува за ресоцијализација во Македонија доколку живееме во општество каде економските и социјалните проблеми се толку длабоко вкоренети. Така на пример доколку човек е без работа и сиромаштијата го натерала да краде за да преживее, дали по излегувањето од затвор би се вработил?

За таквите причинско последователни проблеми треба да се изнајдат системски решенија, а не да се лепат инстант решенија кои што не даваат резултати на долг рок. Во таа смисла пост пеналните политики и практики или како да се постапи со осудено лице по излегувањето од затвор, треба да се доработат и конечно да се спроведуваат во пракса, а не само да постојат на хартија.

За пренатрупаноста конечно треба да се размислува за градење на нови затвори со нови сместувачки капацитети и со други архитектонски решенија кои ќе бидат соодветни за безбедноста. Пример, во Сверна Ирска постојат затвори кои можат да се набљудуваат со помалку обезбедување бидејки имаат добри архитектонски решенија.

Во Македонија и тоа како ни се потребни нови типови на затвори, бидејки последните случувања ни покажаа дека безбедноста во затворите е на доста ниско ниво. Во таа насока треба да се мисли и на обуките кои ги поминуваат вработените пред да се вработат и со какво образование се примаат идните затворски полицајци да работат со таква специфична категорија на луѓе.

Секако треба да се мисли и на раководството кое се става на челните позиции, да бидат луѓе кои се дел од затворскиот систем, без да имаат било какво криминално милје позади себе или да бидат вработувани по партиски заслуги без да имаат соодветно познавање од областа. Последните случувања со бегството на осуденикот од Идризово само ни потврди дека затворскиот систем во Македонија има длабоки оштетувања на кои сериозно треба да се работи.

Според податоци од Совет на Европа, Македонија е земја во Европа која се наоѓа убедливо на првата позиција по бројот на затвореници што избегале од затвор, односно секои 10.000 затвореници бегаат по 691 затвореник. Меѓутоа статистиката кажува едно, а праксата друго. Во Македонија според типот на третман осудениците може да користат и викенд отсуства доколку исполнуваат законски услови за тоа, па често се случува осуденик да се врати од домашно отсуство ден покасно и таквото доцнење се заведува како бегство. Треба да се мисли на терминологијата со која се класифицираат отстапувањата од законот и да се направат законски измени за да не се пласираат неточни информации

Можеби треба да се вратиме малку назад и да видиме дека затворите во социјализмот функционираа многу подобро. Во Југославија во 70 тите години се имаат издвоено посебни средства од буџетот за намалување на криминалитетот и ставање на ресоцијлазацијата во примарна улога, што дале резултати и биле функционални. За тој период зборуваат и многу од позвозрасните вработени или веќе пензионери  кои се разочарани од денешното функционирање на затворите како и начинот на кој што се третираат осудениците. Денес разликата меѓу вработен и осуденик е многу мала или воопшто ја нема.

  • Поради лични причини авторот на овој текст испратен до нашата редакција побара да остане анонимен