Фалат тројца хонорарци и списоците со хонорарци од претходните години

Владата, после притисокот на јавноста, конечно го објави списокот на владините хонорарци. Иако Призма во своето истражување наведе дека биле исплатени 58 фактури, на списокот се објавени само 55 хонорарци. Исплатените суми се движат и до 60.000 денари, а на списокот се среќава поранешниот невладин активист Петрит Сарачини, професорот и поранешен потпредседател на СДСМ, Ванчо Узунов, актуелниот претседател на СДММ Марко Михаилоски.

Марко Михаилоски – претседател на СДММ

Извесен Дејан Смилевски во февруари минатата година е еден од добитниците на 100.000 денари од наградната игра Мој ДДВ-Моја награда. Истото име се среќава и на списокот од владини хонорараци за Компјутерска апликација за сервис, одржување и конфигурација на информатички системи за потребите на Генералниот секретарјат на Владата. Хонорарот на ова лице изнесува 30.000 денари.

Поранешниот шарен револуционер, Петрит Сарачини месечно е платен  42.000 денари за Акумулирање, средување и анализа на информации и податоци за изготвување извештај со елаборирање и презентација за координација на медиумски мониторинг. Петрит Сарачини е дел од невладината организација Цивил кој од остар критичар на претходната власт се трансформира во дежурен апологет на сегашната власт. 

Ванчо Узунов, професор на Правен факултет и поранешен потпредседател на СДСМ, зема хонорар во висина од 53.000 денари за ангажман Координација на активностите поврзани со регионалната економска интеграција на Република (никогаш Северна 🙂 Македонија со позиција (ШЕРПАС) – национален координатор за МАП и РЕА, како и поддршка на активностите на тимот за скрининг и преговори. На списокот се среќава и Дамир Ибраимоски, син на Самка Ибраимоски, заменик директор на „Македонија пат”, како и Ивана Митрова, секретарка на Драги Рашковски. На списокот е и Арменд Фазлиу од ДУИ, портпарол на Теута Арифи во општина Тетово.

Објавениот список е за 2021 година и фалат ангажираните хонорарци од претходните три години.