23 години од ѕверското убиство на Петрушевски, Готак и Ангеловски
На 11 јануари 2000 година, вечерта околу 22:30 часот, во Арачиново во близина на стадионот Шкендија – подмолно и ѕверски беа убиени тројца од четворица полицајци кои вршеле контрола на моторни возила.
Убиените полицајци Кирил Петрушевски (23), Ацо Ангеловски (26) и инспекторот Ерол Готак (27) учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили, а биле пречекани во заседа од вооружена група што отворила оган врз нив од автоматско оружје.
Полицајците на влезот на Арачиново запреле три патнички возила. Во моментот додека едно од службените лица ја проверувало документацијата на првото застанато возило, од другите две возила излегле неколку лица кои од автоматски пушки и пиштол испукале повеќе куршуми кон припадниците на МВР коишто ги контролирале запрените моторни возила. Откако испукале подолги рафали од автоматското оружје, злосторниците од трите запрени возила повторно влегле во нив и се упатиле по главната улица на Арачиново, во насока кон Куманово. Екипите за увид пронашле 41 чаура од автоматска пушка „калашников“ со калибар 7,62 милиметри и неколку чаури од автоматски пиштол со калибар од 10 милиметри.
Крунскиот сведок на судењето за заседата, преживеаниот полицаец Новковски, тогаш тврдеше дека ноќта на полицајците им било кажано дека одат на специјална задача, за пронаоѓање крадени луксузни возила. Во специјалната акција тие биле пратени без панцир, гас-маска и без автоматска пушка, а згора на сето тоа немале ниту батериска ламба, па возилата ги проверувале со запалка.
Македонските граѓани беа погодени од овој немил настан, насетувајќи дека земјата почнува да се движи кон амбис. Една година подоцна, кога започнува воениот конфликт во Македонија, терористите од ОНА ќе ја преземат одговорноста за оваа заседа.
Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци траеше 18 години, сѐ до април 2018 година кога Кривичниот суд во Скопје донесе втора ослободителна пресуда.
За тројното убиство им се судеше на Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами, Башким Асани, Агим Асани, Наим Асани и Емрула Емрулај. При распитот, сите обвинети најдоа алиби дека, наводно, во време на случувањето на трагичниот настан биле во кафеана, дискотека и во болница.
Првообвинетиот Динарица во истражна постапка го признал делото и во детали го опишал настанот, но на судењето го сменил исказот, велејќи дека признанието во истрагата го дал под присила.
Така, за жал, ниту за овој случај никого не го стигна правдата.