АктуелноЛокалноОгледало

Светозара – „Бандитката обесена во Босанска Крупа покажа невиден пркос”

  • Објава на Левичарскиот Институт Рацин

На денешен ден 1925 година во Босанска Градишка, Босна и Херцеговина, родена е Лепа Светозара Радиќ.

Лепа се придружила на антифашистичкиот отпор во партизани на возраст од 15 години, во 1941 година, каде после кратка партиска обука, во 1942 година станала член на КПЈ. Нејзината силна енергија за политичка активност дала придонес во формирањето на Антифашистичкиот фронт на жени во Југославија (АФЖ).

На младинските конференции говорела за антифашистичката борба, за целите на народно-ослободителното движење и ја повикувала младината да се приклучи кон партизанското движење. Нејзиното делување се одвивало на територија окупирана од четниците, но и покрај опасноста, Лепа поминувала и по десет километри во полуослободените села, со цел мобилизација на населението и младината.

Вечерта, на 8 февруари 1943 година, била заробена од страна на окупаторот. После три дена мачења, затоа што одбивала да ги открие жителите кои соработувале со партизаните, Лепа е осудена на смртна казна. На денот на нејзината смрт, Германците ѝ понудиле да ѝ го поштедат животот доколку ги каже имињата на своите другари – комунисти, но таа одговорила дека „не е предавник на својот народ и нејзините другари ќе се откријат кога ќе ја одмаздат нејзината смрт”.

На рацете врзана со телефонски кабел, исцрпена и изнемоштена, Лепа продолжила да го повикува својот народ на борба, извикувајќи антифашистички пароли.

Откако ја обесиле, нејзиното тело останало да виси уште 4-5 дена. Истиот ден кога е обесена, СС-полковникот Аугуст Шмитхубер, добил писмо од своите војници, на кое пишувало: „Бандитката обесена во Босанска Крупа покажа невиден пркос.”