Помеѓу чеканот и наковалната

Македонскиот работник е буквално притиснат за ѕид. Се смачкува во ѕидот и станува едно со него. Станува малтер и цигли, обичен потрошен материјал. Од работник – обичен роботник, обездушен, лишен од задоволства кои ќе му го збогатат духот, а само за да не му зарѓаат штрафовите подмачкуван е со дрнч од шунд кој ги движи зглобовите, а евентуално ќе му го рикне моторот. Траорна е глетката за македонскиот работник, но таа драма воопшто не е телевизирана.

Се поминува со кратка вест еднаш месечно дека имаме најниски плати во Европа, дека работната сила се повеќе ја напушта државата, дека наталитет е мисловна именка, дека алхохолизмот и наркоманијата се прошируваат и поради тоа има зголемено домашно насилство и многу случаи на депресивност и очај. Македонскиот работник е воедно систематски труен преку воздухот и со општата нехигиена. Македонскиот работник работи и живее во една опжарена депонија во која детето му се разболува од канцер, а тој мора да го адвертизира по социјални мрежи како би дошол до донации кои би ги дал за лечење. Сеедно, македонскиот работник гине на терен затоа што не му е обезбедена личната и општата сигурност.

На другата страна ги имаме оние кои не живеат од својот труд, туку од експлоатација на работниците. Тие ги имаат доведено работниците до состојбата во која се наоѓаат денес да бидат како добиток за работа затоа што она што го преживува македонскиот работник не исполнува никакви хумани критериуми и стандарди за да може да се нарече човечки живот. Да не се повторувам за очајот. Е, токму тие експлоататори кои ја имаат власта во Македонија, а такви власти се по целиот Балкан, за да му го тргнат погледот на работникот од својата беда, му измислуваат ирационални конфликти.

Класичен пример за такви се конфликтите што ги изживеавме последните три децении откако социјализмот не доминира на Балканот. И постојано е присутна огромна тензија за препирки од ситно буржујска природа. Дали е Бугарија јајцето или кокошката, дали Грција е јајцето и кокошката’ или Македонија е јајцето и кокошката. Буквално теми кои припаѓаат на едно неславно минато на Балканот, а ако се инсистира на нивно актуелизирање ќе дојдеме до фаза да го повториме тоа минато.

Така тоа минато ни станува сигурна иднина.

На оние кои експлоатираат поголем профит ќе им донесе ако македонскиот работник крене пушка против бугарскиот, бугарскиот против грчкиот, грчкиот против албанскиот, албанскиот против српскиот…, тоа ќе биде огромна можност за заработка на оние што се на врвот на пирамидата, тие секако ќе го утростручат богатството. На нив им е тотално сеедно дали работникот ќе погине во ров или на своето работно место.

Така притиснат работникот помеѓу чеканот и наковалната не му остануваат  многу опции за спас од беизлезот и сигурната пропаст, ако реши да остане во оваа болна околина во која корумпираните бирократи го цедат најдоброто од него, а не му овозможуваат барем бесплатни здравствени услуги, како и бесплатно квалитетно образование за неговите деца. Една ретко реална опција е да ја поддржи релативно новата политичка партија Левица која во својот Статут но и во досегашните програми како центар на своите интересирања и заложби се фокусира токму на работничките права како и квалитетно подобрување на животниот стандард на работниците.

Со прекалените борци за социјална правда како и со интелектуалците од врвен ков и квалитет дава зрак светлина дека е можна нова социјалистичка зора во државата која во моментов заради буржоарските политики изминативе три децении е доведена пред целосен распад. Зрак на надеж дека конечно ќе се ослободиме од мафијата која владее. Оваа опција дава надеж дека војната со криминалот ќе се води и ќе се добие на институционално ниво. Друга опција е да се бијат битки на улиците, но со оглед на жолтилото на синдикатите како и очигледната колаборација на невладиниот сектор со криминалците и мафијата јас воопшто не ја препорачувам.

Наша прва татковина треба да биде слободата.


Зоран Велковски – работник