Левица: Владата предлага измени во даночната регулатива кои дополнително ќе го зголемат товарот врз сиромашните!
Во анализата на новите предлог законски измени на даночната регулатива кои Владата ги предлага и тоа по скратена постапка, Секторот за финансии при политичката партија Левица, забележува дека, доколку овие измени бидат донесени целосно ќе се укине и онака симболичното прогресивно оданочувње кое важи сега. Дополнително, во нивната реакција се вели дека овие законски измени на Законот за данок на личен доход, ДДВ и данок на добивка ќе предизвикаат поголеми класни разлики и социјална раслоеност.
Во анализата на Секторот се заклучува дека со овие измени Владата ги фаворизира богатите за сметка на тоа што товарт од економско-финансиската криза се зголемува врз грбот на сиромашните, и дека е потребно да се воведе прогресивен данок на доход и на добивка, како и данок на луксуз, со што би се слеале најмалку 200 милиони евра во буџетот годишно – товар кој би требало да го понесат богатите а не како сега работничката класа.
Подолу, во целост ви ја пренесуваме анализата објавена на ФБ страната на Секторот за финансии при Левица:
„Предлог законските измени на законот за данок на личен доход, ДДВ и данок на добивка, кои се во собраниска процедура по скратена постапка, ќе создадат услови за непречено оплодување на домашниот и странскиот капитал. Владата целосно го укинува прогресивното оданочување кое накратко профункционира во 2019 година и беше одложено за 36 месеци, иако износот на остварените приходи само од прогресивната повисока стапка за првите шест месеци од 2019 изнесуваше 12,7 милиони евра.
Владата тврди дека со укинување на прогресивното оданочување и на дел од даночните ослободувања ќе обезбеди поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар, а всушност со законските измени ќе предизвика поголеми класни разлики и социјална раслоеност.
Данокот на додадена вредност на електрична енергија од Нова година ќе се зголеми на 10 отсто. Владата ги укинува даночните ослободувања за донирање во спортот, а малите стопанственици со вкупен приход до 3 милиони денари, кои досега беа ослободени од плаќање на данок на вкупен приход или добивка, ќе мора во иднина да плаќаат.
Додека во Велика Британија и во некои земји-членки на Европката унија се воведува данок на екстра добивка, кај нас остана само како иницијатива која дополнително ќе се разгледува. И покрај тоа што дел од компаниите не се погодени од економската и енергетската криза, напротив, заработуваат многу повеќе од претходните години, Владата нема храброст да го спречи военото профитерство и да овозможи порамномерна распределба на доходот.
Владата смета дека овие законски измени ќе предизвикаат позитивни фискални импликации во износ од 22,8 милиони евра годишно и место да удри по џебот на олигарсите и да воведе прогресивен данок на доход и на добивка, како и данок на луксуз, со што би се слеале најмалку 200 милиони евра во буџетот годишно, владата ќе продолжи со осиромашување на ранливите категории и ќе овозможи создавање на екстра профити на најпрофитабилните компании.“