АктуелноЛокалноОгледало

На денешен ден 1945 година грчките власти осудија 61 Македонец зошто децата ги учеле македонски јазик

Грчките власти, на 15 декември 1945 година, во костурското село Нестрам, во Егејска Македонија, изведоа пред суд 61 Македонец, со обвинение дека своите деца ги учеле да читаат и пишуваат на својот мајчин македонски јазик.

Ова е еден од многуте примери за страдањата, но, и отпорот на Македонците во Егејска Македонија против бруталните грчки власти во повеќе периоди од македонската историја. Објавени се повеќе трудови за овој дел од етничка Македонија и за овој дел од македонската историја.

Една од нив е и книгата „Вистината за Егејска Македонија“ (издание 2017) од Христо Андоновски. Авторот во предговорот пишува:

„Слична, ако не и идентична беше судбината на Македониjа и Македонците со таа на Ирска и Ирците, или на Курдистан и Курдите. И овие земjи jа имаа трагичната судбина на Македониjа – да бидат безмилосно искасапени на два или повеќе дела, онака, како што диктирал апетитот на алчните империjалистички соседи. Меѓутоа, ни оддалеку народите од споменатите земjи – Ирците и Курдите, не го доживееjа незамисливото понижување на Македонците, со употреба на груба сила да бидат лишени од својот маjчин jазик, да им се наметне тyѓа националност“, пишува авторот на книгата.

Ирците и под Велика Британиjа си останаа тоа што отсекогаш биле, а Курдите и во Турциjа и Иран, во Ирак и Сириjа, иако го изгубиjа територијалното единство, тие го задржаа својот етнички белег, својот јазик и традиција, продолжува Андоновски во книгата „Вистината за Егејска Македонија“.

„По 1912 година Македонците ќе ја изгубат и својата национална компактност и територијалното единство, а пропагандата на владеачкиот режим во Грција, Србија или Бугарија од Македонците ќе настојува да прави „Срби“, „Грци“ и „Бугари“. Македонците во Грција, на пример, спротивно на својата волја учествуваа во Првата светска војна на првата борбена линија или вршејќи тешка ангарија за сојузниците пак на првата борбена линија на Солунскиот (Македонски) фронт. Подоцна тие се мобилизирани во Малоазискиот поход на грчката армија. На крајот наградата за Македонците беше да бидат исправувани пред воените судови и одредите за егзекуција, кога се обидуваа да ги бараат своите национални права, макар и во рамките на грчката држава. А пак, во времето на Метаксасовата диктатура (1936-41), им беше забрането дури и по куќите да говорат на својот мајчин јазик, или да ги пеат своите народни песни“, пишува Андоновски.

Но, Македонецот во Грција, продолжува Андоновски во предговорот, никогаш и не се помири со судбината што му ја кроеја грчките режими.

„Сепак, не ќе можеме да премолчиме некои примери на достоинствено држење дури и пред самата смрт. Атанас Попов од село Борешница, Леринско, пред неговата егзекуција во градот Кожани на 12 декември 1925 година, не само што одбил да му ги врзат очите, туку кога го прашале дали има нешто да каже, рекол: `Mојата најголема радост е што со мојата крв ја нацртувам јужната граница на Македонија, која е до самата река Бистрица…` Да го споменеме и малиот Атанас Марков од Цакони, кој на воените судии во градот Бер 1948 година (заробен како ранет партизан на Каракамен Планина) храбро им рекол: `Не барам милост од вас, џелатите на мојот народ“!

Овие страници, додава Андоновски во преговорот на книгата, нека послужат и како мало и скромно оддолжување кон познатите и анонимните илјадници борци, кои поединечно или заедно со грчки соборци паднаа на окопот на честа, слободата и правдата.

Авторот на книгата Христо Андоновски (15. 09. 1917 – Скопје, 1. 07. 2002) е учител, деец на Македонското национално ослободително движење во Егејскиот дел на Македонија, новинар, публицист и општественик. Роден е во селото Цакони, Мегленско, Егејска Македонија. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија на грчки јазик во Воден. Во 1940 година дипломирал на Педагошката академија во Солун, а потоа работел како наставник во мегленските села и во градот С’ботско (Аридеја).