Седумина загинати нa демонстрациите за ослободување на Претседателот Кастиљо по пучот во Перу

На претседателските избори во Перу, минатата година победи Педро Кастиљо, учител во руралните области од левичарската партија „Слободен Перу“. Слоганот на кампањата со која победи Кастиљо, беше „Нема повеќе сиромашни во богата земја“. Во драматичен пресврт на настаните во Перу, Педро Кастиљо од 7-ми декември е во притвор.

Шефот на уставниот суд рече дека распуштањето на Конгресот од страна на Кастиљо е кршење на уставот. САД соопштија дека ја поддржуваат новата претседателка која најави мандат до 2026 година, иако немаше никакви избори.

Со ваквиот расплет на настаните не се согласија гласачите на легитимно избраниот претседател, по што следуваа масовни демонстрации ширум државата.

Од почетокот на демонстрациите против соборувањето на Кастиљo, најмалку седум лица загинаа, а ситуацијата најмногу ескалира во Лима, главниот град на андската држава. Протестирачите ширум земјата бараат слобода за Кастиљо и оставка на актуелната претседателка Дина Буларта, која по нелегитимниот избор доби поддршка од САД, а претходно беше потпретседател на Кастиљо.

„Цел живот сме дискриминирани од странци кои владеат со нас. Но, денес ги боли што со нас владее учител, земјоделец, кој знае да јаде варени компири и скромната храна што ја јадеме ние земјоделците. […] Кого најмногу го повредува? Тие што не можат да ја поднесат болката се десничари и членови на Конгресот, а не ние“, – рече во обраќањето до медиумите еден од учесниците на протестот, кој исто така праша кој ги плаќа за поддршка на десницата.