Левица: Енергетската криза е бонбона бизнис за Ковачевски и Заеви
- Реакција на Политичката партија Левица
Додека во ек на енергетска криза граѓаните се мачат со вртоглавото поскапување на струјата, семејствата на поранешниот премиер Заев и актуелниот премиер Ковачевски директно профитираат од поскапувањето на енергенсите.
Откако Вице Заев и едвај полнолетниот син на Зоран Заев, Душко Заев, основаа фирми за производство на електрична енергија, оваа златна можност не ја пропушти и Елена Ковачевска – сопругата на актуелниот премиер. Сопругата на премиерот Димитар Ковачевски е ко-сопственик во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, која планира да гради соларна електрана.
Заедно со Елена Ковачевска, во фирмата се и синот на нивниот кум, Кирил Паунов и сопругата на директорот на Катастар, Светлана Тунџева (фирмата „Сол 5” има иста адреса со уште една фирма за производство на струја во сопственост на Тунџева).
Фирмата „Сол 5” на Елена Ковачевска е отворена во октомври 2020-та, еден месец откако Ковачевски беше предложен за заменик министер за финансии. Ковачевски со својот кум Горанчо Паунов ја основа фирмата „Пиксел груп“ за производство на соларни панели.
Во фирмата на Ковачевска, за изградба на фотонапонската електрана е предвидено да се вградат фотонапонски модули од контроверзната фирма „Пиксел гроуп“. Токму „Пиксел гроуп“ на кумот на Ковачевски, во ек на криза, изминатиов период доби државна помош од Владата на Ковачевски во износ од неверојатни 443.285 евра!
Наместо државата да инвестира во државни капацитети за производство на струја, сопругата на премиерот влегува во бизнис со струја, па единствено побогати на крајот на зимата ќе бидат семејството Ковачевски со кумовите и нивните бизнис-партнери.
Кризата во Македонија е единствено последица на ВОЕНОТО ПРОФИТЕРСТВО на власта. Во најголемата енергетска криза, фирмите на премиерот остваруваат милионски профит и добиваат милиони од државата, додека социјално ранливите, студентите и останати ранливи категории се исфрлени од било какви антикризни мерки на Владата предводена од СДСМ на Ковачевски.