Германија го плаќа рускиот гас за седум пати поскапо

Германија во моментов плаќа 140 евра мегават-час за увоз на гас, што е околу седум пати повеќе од просекот за периодот 2010-2020 година.

„Ако ЕУ сака да ја одржи конкурентноста во сферата на хемиската, прехранбената и тешката индустрија, тогаш ѝ треба евтин гас, а за Европа нема поевтин гас од рускиот“, пишува колумнистот Хавиер Блас во напис за „Блумберг“, пренесува Политика рс.

Затоа, Блас наведува дека Русија има шанса да ја врати водечката позиција во испораките на гас во Европа и повторно да стане клучен снабдувач на гориво во Европската унија.

„Колку европските лидери се колнат дека по завршувањето на украинската криза нема да се вратат во вообичаениот ред на нештата, неизбежната географска и пазарна реалност може да ги разубеди дури и најрешителните политичари“, коментира колумнистот на Блумберг.

Претходно, извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, изјави дека Европската унија ќе треба да плати дополнителни 100 милијарди евра во 2023 година, со цел следната зима да обезбеди енергетска безбедност за земјите кои моментално немаат руски гас.