До крајот на годината инфлација од 14,3%, следната година инфлацијата ќе продолжи да расте
Есенските проекции на централната банка покажуваат дека до крајот на годината инфлацијата ќе достигне ниво од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Централната банка не очекува квартален пад на економијата.
Приближно, во овие рамки се движи и инфлацијата што ја предвидува власта со Предлог-буџетот каде е на ниво од 7,1 процент.
Од Народната банка нагласуваат дека ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија.
Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија. Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење на прудентни домашни политики, нагласи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната прес-конференција.
Од народна банка велат дека разликата во инфлацијата кај нас со онаа во земјите од Европската унија, се должи на неколку фактори како што се преголемата увозна зависност на Македонија, особено на енергенсите, како и поголемиот удел на храната и енергијата во потрошувачката кошничка.