АктуелноЕУИнтернационално

ЕУ не може да ги исполни очекувањата на Украина и земјите од Западен Балкан

Европската Унија не може да ги исполни очекувањата на Украина и на земјите од Западниот Балкан за нивно вклучување во ЕУ како полноправни членки, изјави португалскиот премиер Антонио Коста на завчерашната конференцијата во организација на Си-Ен-Ен Португалија.

„Оваа криза во прв план го стави проширувањето на ЕУ, а посебно е драматично прашањето на Украина, како и многубројните ветувања кои што ЕУ ги давала со години, создавајќи надеж, особено кон земјите од Западниот Балкан. ЕУ има многу јасни критериуми за прием на нови земји членки, но, за жал, не постојат критериуми за определување на сопствените можности за прием на нови држави членки.“

Во поткрепување на оваа теза премиерот констатираше дека буџетот на ЕУ не може да ги исполни очекувањата создадени кај државите кои чекаат ред за членство во Унијата.

„Да бидеме искрени, со моменталната институционална структура, со моменталната буџетска архитектура, Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата кои што сега ги создава.“

Коста додаде дека „ако очекувањата кои што некои европски лидери ги создаваат се само политички гест, тогаш ЕУ ризикува да го умножи ширум источна Европа она што веќе се случи со деценискиот изостанок на очекувања во однос на Турција”. Според португалскиот премиер, повратниот ефект од овие очекувања краткорочно ќе биде огромна драма ако тие се изјаловат.

Од друга страна, ако овие очекувања не се само сочувствителна политичка изјава, одговор на приликите, тогаш Европската Унија треба темелно да се реструктуира за да не имплодира заради новото проширување, порача Коста.

Според него, создавањето на Европската Политичка Заедница е значаен гест за да се обезбедат заедничка позиција за глобалните прашања, вклучително и за енергетиката, помеѓу разнороден збир на земји од европскиот континент, оние кои што се надеваат на полноправно членство во ЕУ, оние кои што не знаат дали сакаат да влезат и оние кои што беа во Европската Унија и излегоа од неа, како Обединетото Кралство.

„Затоа Европската Политичка Заедница нема да биде замена за Европската Унија и нема да биде алтернатива за проширувањето,“ рече Коста.

Во тој смисол, според Антонио Коста, „притисокот за прошрување ќе остане на масата“.

Премиерот, исто така, алудираше на постоечките билатерални тешкотии околу неколку земји кандидати за проширување и тоа од Западниот Балакан, „што значи увезување на овие проблеми во Европската Унија“ кои што потенцијално може да предизвикаат „ентропија на европските институции“.

„Европа навистина мора да се организира во променливи геометрии, а тоа веќе и го прави во одредена мерка затоа што сите земји членки не се во еврозоната или во шенгенскиот простор“.

За да бидеме успешни мора да ја имаме Европа со променлива геометрија, повтори Коста кој што потоа зборуваше за глобалните предизвици, односите на ЕУ со другите континенти, потребата од реформа на заедничката земјоделска политика и на развојната помош.