ЕУ соочена со егзистенцијална закана од САД, ќе се брани со субвенции

Европската унија планира воведување субвенции за да го запре колапсот на сопствената економија и преселувањето на компаниите во Америка.

Европа е пред двоен удар од САД. Покрај тоа што цените на енергијата се значително пониски во Америка отколку на Стариот континент, што е последица на санкциите воведени кон Русија, новиот американски закон за намалување на инфлацијата, предвидува даночни олеснувања, но нуди и 369 милијарди долари за поддршка на зелените индустрии.

Европскиот комесар за единствен пазар, Тиери Бретон, предупреди дека новиот пакет субвенции на администрацијата на Џозеф Бајден претставува „егзистенцијална закана“ за европската економија бидејќи ја отвора вратата за трансфер на компании во САД.

На состанокот одржан со европските бизнис лидери во Париз, комесарот Бретон предупреди дека „тековниот процес на деиндустријализација“ мора итно да се запре.

Затоа, Брисел подготвува одговор на американските субвенции во форма на сопствен фонд – што беше споменато од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен уште во септември – Европскиот фонд за суверенитет, кој ќе им помогне на компаниите да инвестираат во Европа и да ги исполнат зелените стандарди.

Според двајца високи функционери, ЕУ сега работи на случајот што побрзо да се префрлат средства во клучните индустрии за висока технологија, бидејќи компаниите веќе носат одлуки за тоа каде да градат фабрики за сè, од батерии и електрични автомобили до микрочипови.

Споменатиот „Закон за намалување на инфлацијата“ на САД претставува посебен проблем за земјите од ЕУ кои произведуваат автомобили – како што се Франција и Германија – бидејќи подразбира субвенции за електрични возила целосно произведени во САД и ги поттикнува потрошувачите да „купуваат американски производи“.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек и неговиот француски колега Бруно Ле Мер издадоа заедничка изјава каде тие се залагаат за построги индустриски политики, како што се повисоки владини субвенции за европските бизниси, за да се спротивстават на заканата од американските реформи кои можат  да предизвикаат трансатлантска трговска војна.

За предлогот за европските субвенции ќе се разговара на претстојниот состанок на министрите на ЕУ.