АктуелноЛокално

Левица: Македонската наука под удар на еврофанатиците на власт

  • Реакција на Политичката партија Левица

Иако владата го предложи најгломазниот Предлог- буџет досега, средствата за наука се намалени, дури и во однос на минатогодишните скромни вложувања. Односно, скратени се од 412,3 милиони денари на 319,6 милиони денари, што изнесува приближно 2,9 евра по глава на жител.

За споредба, европскиот просек во 2021 година изнесувал 244 евра по глава на жител вложени за наука. На дното на ЕУ листата на вложувања во науката се наоѓа Романија со 19 евра по глава на жител, што значи дека дури и европското дно од година во година за нас е сè понедостижна цел.

Од споменатите кратења, најзасегната дејност е научно- истражувачката работа. За оваа дејност бил предвиден буџет од 221 милиони денари за 2022 година, за истиот да падне на 81,4 милиони денари за 2023 година – намалување од неверојатни 63,2%!

Ваквиот игнорантски пристап кон финансиските потреби за развој на науката бездруго ќе има негативно влијание на поддршката на бројни научни проекти, поединци и тимови значајни за науката.

Научните центри ќе мораат од сопствени средства да ги финансираат своите лаборатории за да опстанат или нивниот опстанок да зависи од странски фондации; наши научници ќе работат за странски научни центри, а нашите универзитети и понатаму ќе бидат невидливи на светските ранг-листи.

Само за споредба, буџетот со кој власта ќе се самопромовира во медиуми или ќе покрива членарина во НАТО е многу поголем од буџетот за научно- истражувачка дејност.

Очигледно е дека приоритет на оваа влада се исполнувања на некои други „поевропски вредности“ како вртоглавите апетити на партиски поставениот менаџмент во државни компании, одржување на непродуктивни работни места за партиски послушници, скапи ресторански оброци за вечно недохранети министри, патни трошоци и партиско-клиентелистичка тендерократија.