Професорот Михајловски со иницијатива за унифициран код на облекување на учениците
Учениците од основните и средните училишта во Штип да имаат унуфициран код на облекување, а за тоа одлука да донесе Советот на Општина Штип. Ваква иницијатива даде Ангеле Михајловски, советник од Политичката партија Левица, но советничкото мнозинство гласаше против.
Во капиталистичко општество, во какво што живееме, јазот во класните разлики на богати и сиромашни помеѓу учените е сe’ поголем. Од една страна имаме нестабилност, кризи, невработеност, социјална беда, а од друга страна екстремно богата класа. Се помал е бројот на родители кои имаат куповна моќ да им ги приуштат на своите деца сите најновите брендови, дали се работи за парче гардероба или најновото технолошко ИТ достигнување. Бидејќи социјалната правда и еднаквост се втемелени во идеологијата на Левица како партија, како Локален огранок и јас како советник во Советот на Општина Штип дојдовме на идеја да ја предложиме оваа Иницијатива, со чие спроведување би имало барем визуелна еднаквост во однос на гардеробата на учениците во Општина Штип.
„Социјализмот како праведен, хуман, демократски, еманципаторен и еколошки одговорен систем е крајната цел во идеологијата на Левица. Не гледам ништо лошо во намерата за надминување на неправедниот социоекономски систем како што е капитализмот. За нас во Левица, потребите на човекот се пред се’ останато, па затоа доколку би се прифатила оваа иницијатива, тогаш учениците во Штипските училишта би биле еднакви со оние во Велика Британија. Ова не е измислување на топла вода, туку овој наш предлог е спроведување на веќе воспоставена пракса во високоразвиените Европски држави. Сите ученици кои учат во државните основни и средни училишта во Европските држави, имаат унифициран дрес код од чевли до шапка. Тоа е така не поради тоа што граѓаните на тие држави се екстремно богати или сиромашни, туку тоа е вековна пракса, се’ со цел намалување на статусните разлики кај децата и учениците. На тој начин се постигнува меѓусебна солидарност и хуманост“ – посочува советникот Михајловски кој е доктор по музички науки и професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Нашиот соговорник вели дека на оваа тема имаат разговарано со наставници, педагози и сите безусловно имале позитивен став за оваа идеја. Впрочем, во минатото имало обиди за делумно спроведување на оваа идеја во некои штипски училишта, но таа идеја со текот на годините некаде се изгубила
Според предлагачот, оваа иницијатива е наменета за децата од основно и средно образование. Михајловски вели дека тоа е така бидејќи на таа возраст децата сеуште го оформуваат карактерот и немаат цврсти ставови за она што се случува во нивната околина. Учениците од средно образование исто така се во специфичен период на адолесценција каде што и најмала ситница може да биде мотив за бунтовност. Во периодот на студирање, карактерите на младите луѓе се во голема мера оформени и различностите не можат до таа мера да влијаат и да го иритираат карактерот на младиот човек.
„Наша работа како советници е да предлагаме иницијативи и предлози кои се од интерес на нашите сограѓани. Постојат вработени во соодветните одделенија во општинската администрација кои доколку овие иницијативи бидат прифатени, треба да ги разработат и дури тогаш да се излезе со пресметка колку тоа би чинело и од каде би се обезбедиле финансиски средства. Проблемот со советниците од власта е што ги одбија сите мои досегашни иницијативи, вклучувајќи ја и оваа за која денес разговараме. Имаат некаков страв дека доколку некоја иницијатива на Левица биде усвоена, тоа ќе биде поразително за Општината. Напротив, оваа иницијатива за унифицирана гардероба на учениците во Штипските училишта, ја има и во предизборната програма на актуелниот Градоначалник Јорданов со рок на реализација во 2022 година и обезбедени средства од Буџетот на Општина Штип. Од тука се поставува прашањето, тие советници за кои оваа идеја е враќање во социјализмот и кои не дадоа поддршка на оваа иницијатива, дали воопшто ја познаваат програмата на Градоначалникот, кој впрочем е од истата политичка партија“ – вели Михајловски.