Ќе се поништува огласот за контролори на летање, Албанците што положиле не се од ДУИ

Тројцата членови на управниот одбор на МНАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ, oбјави СДК.мк

СДК.мк пренесува дека меѓу најдобрите 8, се и тројца момчиња Албанци, едни од највисокорангираните по поени и тестови. Но, тие не се вистинските што требаше да влезат, велат од Синдикатот на контролори на летање.

Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска. Но, откако меѓу тие што ги поминале строгите критериуми не се нашле имињата на „нашите“, особено дека најдобрите три Албанци „се ничии“, раководството на МНАВ се посомневал во компетентноста на Данците. Сега тричлениот одбор бара отчет од Данска зошто отпаднале другите кандидати.

Потсетуваме дека пред околу две година имаше скандал објавен на дебатниот магазин на ТВ21, кога жителите на Арачиново изјавија дека им било ветено дека ќе бидат вработени 300 пилоти од Арачиново. Тогаш жител на Арачиново изјави дека „најголемата лага е дека ќе се вработат 300 пилоти од Арачиново“, за што експлицитно потврди дека такво нешто им ветил Социјалдемократскиот сојуз, што е сега на власт.